Со традиционалниот марш низ Широк Сокак, Лајонс клуб „Кабадаја“ и Здружението на слепи лица од Битола го одбележаа Светскиот ден на слепите лица и лицата со оштетен вид. Маршот на „Белиот стап“ има за цел да ја подигне јавната свест и да ги промовира правата и потребите на оваа заедница.
Претседателката на Лајонс клуб „Кабадаја“, Емилиа Героска, истакна дека клубот континуирано ја насочува својата хуманитарна работа кон поддршка на лицата со попреченост. „Нашата заложба не се ограничува само на денешниот ден – во текот на целата година реализираме активности и иницијативи кои придонесуваат за поголема инклузија и разбирање во општеството на сите категории граѓани со попречености,“ додаде Героска.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, ја поздрави иницијативата и нагласи дека соработката меѓу општината и здруженијата на лица со попреченост е конструктивна и отворена и досега се реализирани повеќе проекти на предлог на Здружението на слепи а со кои им се олеснува живеењето во Битола. Тој ги покани членовите на Здружението на слепи лица да ја посетат неговата канцеларија со цел заеднички да се разгледаат предизвиците и да се најдат конкретни решенија кои ќе го олеснат нивното секојдневие.
Во рамки на настанот, д-р Ирена Ружин најави и нова тактилна изложба во НУ Завод и музеј – проект поддржан од Министерството за култура и туризам, кој го прави културното наследство достапно за сите. „Ова не е само прашање на човекови права, туку и на професионална етика и посветеност,“ нагласи таа.
Директорката на музејот, Маргарета Спасов, потврди дека институцијата секогаш има „широко отворени врати“ за лицата со оштетен вид.
Изборот на музејот како место на одбележување не е случаен – тој произлегува од долгогодишната соработка на Андријана Шокларовска, член на Лајонс клуб „Кабадаја“, со музејот, во рамки на која се изработуваат преводи на изложбени експонати на Брајово писмо, овозможувајќи целосно инклузивно културно искуство.
Настанот заврши со отворена дискусија и размена на идеи меѓу учесниците, во која како еден од клучните предлози произлезе организација на обука за дигитална писменост за лицата со оштетен вид, со цел поттикнување на нивната самостојност и поголема вклученост во современото дигитално општество.