Во Битолскиот театар се одржа 4.издание на Креативниот Ден 2025 – настан посветен на младите таленти во модата, текстилот и визуелната култура. Овој веќе препознатлив образовно-креативен проект уште еднаш ја потврди својата мисија: да создаде мост помеѓу образованието, индустријата и јавноста.
Настанот понуди модна ревија со оригинални креации на ученици, креативни перформанси, поткаст воден од средношколци, едукативна работилница со ВИП гостите – модни дизајнери, кои добија и Благодарници на крајот од настанот. Присуствуваа индустриски професионалци, спонзори и медиуми, а настанот беше поддржан од локални и национални партнери.
Публиката имаше можност да го види најдоброто од младинската креативност.
„Креативен ден“ е настан по иницијатива и идеја на Весна Божиловиќ, продуцент и дизајнер од продукција “Божиловиќ“, која годинава одбележува 20 години работа, а на која од првиот настан се приклучија професорките Анита Стефановска, Ема Ќука и Живка Танушевска од текстилната струка на СОУ “Таки Даскало“, Битола.
„Ова не е само настан. Ова е движење. Со поглед кон иднината, Креативен Ден се развива во национална платформа за младинска мода, одржливост и креативно учење. Следат нови проекти: етички моден бренд со млади дизајнери, нова онлајн продавница, летен камп и учество на меѓународни модни саеми. Модата е уметност. Креативноста е нашата моќ“, истакнува Божиловиќ и додава:„ Она што започна како мала иницијатива, Денот на креативноста, сега се прошири на национално ниво, поврзувајќи средношколци, студенти, ментори, успешни жени и професионалци од индустријата. Една од нашите клучни цели е да ја разбиеме стигмата околу стручното образование и да им покажеме на младите дека изборот на овој пат не е само паметен, туку и возбудлив, модерен и полн со можности. Со здружување на студенти, експерти од индустријата, дизајнери и бизнис лидери, создаваме мост помеѓу образованието и пазарот на труд, давајќи им на младите луѓе доверба да се гледаат себеси како професионалци – дури и пред да дипломираат“.
Темата за 4.издание беше Ориент. Повеќе реномирани дизајнери ментори беа дел од настанот и тоа: Благој Мицевски, Андреј Папаз, Александар Ортаковски, Муамед Маликовски, Монсоло, Екатерина Петреска, Боркица, Христијана Голубовиќ, Сербез, Алшар Силвија Михајловска, Весна Божиловиќ, Бе.оне, Маја Петковска, Маја Андревска, Ирена Стојановска, Снежана Петровска, Анастасија Зулевска, училишта од Скопје, Струга, Прилеп, Богданци, Куманово, Штип, Виница и домаќинот Битола. ВИП гости: Никола Ефтимов, Ивана Кнез, Елена Лука, Татјана Алексиќ, претставници од Текстилен Кластер.
„Целта не ни беше само да прикажеме облека , туку и целосно визуелно и културно искуство инспирирано од ориентот“, велат професорките Анита Стефановска, Ема Ќука и Живка Танушевска.
На овогодинешниот Креативен Ден, видовме синергија меѓу генерации, вкусови и стилови. Дизајнерите дизајнираа заедно со младите од текстилниот отсек во средните училишта низ Македонија. Учествуваа 32 екипи од 11 градови, 9 стручни училишта. Секој тим беше уникатна приказна, составена од дизајнер – ментор, ученик – талент во подем и една вистинска дама, за која креацијата беше создадена – според нејзиниот сензибилитет, стил и дух. Тие не создаваа само облека. Тие создадоа став, култура, порака. Од инспирацијата на Истокот, видовме:
• Применета мода – нослива, паметна, иновативна.
• Концептуална мода – со порака, став и експеримент.
• Висока мода – драматична, рафинирана, раскошна.
Секоја креација беше прозорец во душата на тимот што ја создаде. Модната сцена кај нас има глас – и тој глас денес прозвучи гласно и гордо. Со тоа настанот секоја година станува се помасивен, со се поголема заинтересираност и учество на училиштата. Поврзаноста со бизнис секторот е во насоката на тоа што моделите ги носат успешни деловни жени од Битола, а собраните средства одат за подобрување на практичната настава.
Оваа година донесе уште една новост. Беа доделени Признанија и Благодарници на модни активисти – личности и колективи кои со својата креативност, професионализам и човечност оставаат трага на нашата модна сцена. Благодарници за несебично пренесување знаење и искуства беа доделени на дизајнерите: Никола Ефтимов за неговата повеќегодишна работа како моден дизајнер и универзитетски професор, Ивана Кнез -дизајнер со плодна и инспиративна кариера во модниот дизајн.
Признание за човечност и професионализам се додели на Роза Василевска– за подигање на достоинството и односите во професијата на повисоко ниво.
Признание за модна конзистентност се додели на Елена Лука– бренд што денес е синоним за домашната модна сцена.
Доделени беа и Пофалници за најдобрите три ученички креации на овогодинешниот конкурс: Никола Петровски, Весна Дунимагловска, Анета Ангелковска Груевска.
Признанијата ги врачија успешните жени-менаџери Александра Филиповска Alex Fx (БлекБело, Виница) и Љупка Миладинова Џамбазовски (Албатрос, Штип) – двете дел од Текстилниот кластер и препознаени по квалитетот и на меѓународно ниво.
Оваа година, Креативен Ден доби уште една уметничка димензија. Во еден исклучителен момент, сцената стана живо платно, каде се преплетоа музиката, движењето и сликарството, низ призма што ја слави женската енергија, стилот и индивидуалноста. На сцената настапи
Стефанија Милевска Враниќ, а заедно со неа, младите танчерки од Анастасија центарот, кои ѝ дадоа тело на музиката – динамика, ритам, нежност и сила. Уметницата Бојана Артиновска создаваше дело во живо – платно инспирирано од движењето, музиката, модата и женственоста. Овој настан полека но сигурно, прераснува во растечка заедница на иноватори, едукатори и претприемачи кои веруваат во моќта на модата како професионален пат и алатка за промени, се трансформира во вистинска Модна Зона.