Министерството за внатрешни работи соопшти дека заедно со Јавното обвинителство интензивно ги следат сите изјави и коментари на социјалните медиуми поврзани со случувањата во Украина и согласно своите законски надлежности ќе преземат кривичен прогон против сите сторители кои со своите објави и јавно изнесени ставови ќе одобрат или оправдаат геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства, укажувајќи дека тоа е кривично дело предвидено во членот 407-а од Кривичниот законик.
МВР апелира и до граѓаните кои ќе забележат вакви случаи да ги пријавуваат на мејлот [email protected] за соодветно да биде постапено.
-Законот предвидува дека тој што по пат на информациски систем јавно ги негира, грубо ги минимизира, ги одобрува и оправдува ваквите дела ќе се казни со затвор од една до пет години. Ако делото е сторено со намера за поттикнување омраза, дискриминација или насилство против некое лице или група на лица поради нивната национална, етничка или расна припадност или верска определба, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку четири години. Во членот 404 од Кривичниот законик, пак, прецизно е наведено што опфаќа поимот воено злосторство против цивилно население, појаснува МВР.