Внимавајте! Од денеска казни за пешаците, возачите на велосипеди и тротинети ако не ги почитуваат овие правила

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата известува дека од 26 септември 2025 година започнува примената на измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои се усвоени со цел да се унапреди безбедноста на најранливите категории на учесници во сообраќајот и да се намали бројот на случени сообраќајни незгоди како последица на невнимателно однесување во сообраќајот.

Новите законски решенија се воведуваат во насока на елиминирање на одредени навики кај пешаците и возачите од определени категории возила, меѓу кои ги издвојуваме:

•„Пешакот е должен кога се движи по коловоз под услови утврдени со овој закон или кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента, да се движи и преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред со кој би му се намалило вниманието додека го преминува коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента“.

•„Возачот на велосипед, велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, лесен четирицикл и четирицикл, за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред, со кој би му се намалила можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови“.

•„Возачот на електричен тротинет за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид на електронски уред со кој би му се намалила стабилноста и можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови“.

Ова подразбира поставување нови стандарди за одговорно однесување во сообраќајот, при што, пешаците, велосипедистети, возачите на електрични тротинети и останатите учесници во сообраќајот предвидени со законското решение, се обврзуваат да учествуваат во сообраќајот без да користат електронски уреди кои им го одвлекуваат вниманието.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата нагласува дека целта на ваквите законски измени е созадвање на услови за поголема безбедност, намалување на ризиците и заштита на човечките животи.

Во таа насока, Советот упатува апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи бидејќи Безбедноста на патиштата е заедничка одговорност, на сите нас.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.