ВМРО-ДПМНЕ: “Ни езеро, ни риби, ни вода за земјоделците? Пустелија пред сезоната за наводнување?”

На неспособноста на владеењето на СДС и нема крај. Се’ што ветија не остварија, се што допреа, испустија. Во неколку наврати во прес конференции предупредувавме за неодговорното работење поврзано со прилепското езеро, ова денеска во изјава го истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ ОК Прилеп.

-Иако истото беше испразнето, наводно за некаква смена на вентил, нашите информации говорат дека ваква смена не е направена. Прашуваме, дали е променет вентилот за кој намерно беше испразнето вештачкото езеро? Доколку не е направена промена, зошто беше испразнето езерото и дали некој ќе сноси одговорност за вакво несериозно работење? Колку метри кубни вода има моментално во езерото, ако се знае дека максималниот капацитет е околу 6 милиони? Дали моменталната количина на вода ќе биде доволна за наводнување оваа сезона? Исто така прашуваме, кој ќе сноси одговорност за уништување на рибниот фонд во ова езеро? Ако се има предвид дека не е направена смена на вентилот, дали после сезоната за наводнување повторно ќе има празнење на езерото, а со тоа ново уништување на рибниот фонд, кој најверојатно ќе заврши во некој од рестораните? Со вакво неодговорно работење пред се’ е загрозена егзистенцијата на земјоделците кои си имаат потпишано договори за наводнување, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ ОК Прилеп.

Од партијата додаваат дека нивната загриженост е оправдана, па така секојдневно прашуваат дали ќе има вода за наводнување, ако ситуацијата од терен говори нешто друго? Дали во случај на неисполнување на обврските од договорите, некој ќе им ја надомести нив штетата?

-Тутунарите од Прилеп се сомневаат дека вештачката акумулација ќе се наполни до месец април, бидејќи поради замена на вентил, езерото беше целосно испразнето минатата година. Според тутунарите, потенцијалната штета може да изнесува неколку милиони евра. Затоа, наместо експериментално раководење, потребно е сериозно работење во интерес на граѓаните. Токму поради тоа, оваа несериозна, неспособна власт, мора што поскоро да заврши, велат од ВМРО-ДПМНЕ ОК Прилеп.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.