Прес конференција на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп
(Во продолжение интегрален текст и видео од одржана прес конференција)
“Не може да помине ден, а да не сведочиме за неспособноста на СДС, како на централно така и на локално ниво.
Големите ветувања се испоставија дека се обични лаги со кои го изманипулираа народот. И не само што не го реализираат ветеното, туку упропастуваат се’ што беше направено за Прилеп и прилепчани.
Јавниот градски превоз е само еден од значајните проекти кои претходната локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги реализира за потребите граѓаните. После негово воведување како нова услуга во градот, СДС од улога на опозиција држеше прес конференции, со кои сакаше да ја негира успешноста на истата.
Овој проект функционира од 2014-та година, и користа беше поздравена од прилепчани, особено од најстарите, на кои им се овозможи да патуваат од едно до друго место во градот по прифатливо ниски цени.
Откако поминаа 10 месеци како СДС е на власт на локално ниво, и откако ги поставија своите најблиски за функционери по партиска линија, се доведува во прашање успешното пружење на услуги кои спаѓаат во доменот на работата на локалната самоуправа.
Пензионерите постојано се жалаат дека нема повеќе редовни автобуски линии и дека автобусите постојано доцнат, нешто што не се случувало во минатото.
Дали тоа значи дека благодарение на неспособноста на локалните функционери, постои можност оваа услуга да не можат повеќе да ја користат прилепчани? Дали локалната власт планира да преземе нешто околу катастрофалното функционирање на јавниот градски превоз? Исто така прашуваме што ќе биде со ветувањето кое Јованоски го даде на тв, за бесплатен превоз од Тризла односно Три Багреми?
Во предизборната кампања имаше ветување за бесплатен градски превоз за пензионерите во текот на целиот ден, наместо од 8 до 12, но како што сведочат пензионерите ниту оваа новововедена мерка не се реализира согласно ветеното.
Исто така повикуваме моменталната локална власт доколку сака да направи нешто корисно, да го реализира ветувањето од претходната локална власт, а тоа набавка на додатни автобуси кои ќе сообраќаат до поголемите населени места, како и поставување на современи електронски табли на автобуските постојки.
За власта предводена од градоначалникот Јованоски, хигиената во градот, зелените парковски површини, градскиот превоз, очигледно не се теми на кои треба да се посвети внимание и да се излезе во пресрет на граѓаните.
Со смена на оваа локална власт, ветуваме дека работите ќе се вратат во вообичаениот тек, и Прилеп ќе продолжи да се развива како што доликува”.