ВМРО-ДПМНЕ: “Во една година второ пoнишување за Прилеп и прилепчани! СДСМ Прилеп пред одлука” (ВИДЕО)

Предавството кое Зоран Заев и СДСМ го извршија на државно ниво, сега неговите пулени го спроведуваат и на локално ниво. Имено, на седницата на Советот на општина Прилеп, која е закажана за среда, се предлага промена на Статутот на општината, каде зборовите “Република Македонија” ќе се заменат со “Република Северна Македонија” – истакнаа на денешната прес конференција од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Прес конференцијата во продолжение ја пренесуваме во целост:

“После воведената двојазичност, ова е второ понижување на градот херој и генерации на борци кои потекнуваат од Прилеп. Сите тие се бореле за слобода и независност на една држава, а тоа е Република Македонија.
Никој од нив не познавал никаква Северна и не го положил животот за ваква обезличена држава и народ.

Илија Јованоски и Миле Талески, луѓето кои денес ја предводат општина Прилеп, добија мандат од граѓаните за ветените проекти, а не за промена на името и ставање дополнителен гнев врз граѓаните.

Довербата од прилепчани тие ја добија за изградба на затворен базен, за 20% пониски сметки за вода, за изградба на двете ветени обиколници, за нови градинки и училишта, за реконструкција на Старата чаршија, рекреативен центар кај вештачкото езеро, и така натаму.

Она што сега го спроведуваат е соучество во понижувањето на државата и граѓаните, кое никој нема да им го прости. Прилеп е град на горди луѓе и град кој секогаш знае да казни!

Ги прашуваме Јованоски и Талески, дали промената на името на општина Прилеп ќе придонесе за побрза гасификација на градот? Дали промената на името ќе донесе нови фабрики во индустриските зони Прилеп 1 и 2 и индустриската зона кај Алинци? Дали со додавањето на “Северна” ќе се решиме од бројниот непотизам во институциите?

Почитувани,

Веќе е јасно зошто овие луѓе се донесени на функција и која е нивната задача и цел. Во нивниот мандат и нивниот бележник на активности има само едно, а тоа е поништување на се’ што е македонско.

За среќа, силата е во вас, граѓаните! Вие сте тие кои давате и земате и кои за овие предавства ги казнивте на претседателските избори. Деновите на овие луѓе се избројани и заедно со вас ќе ги поразиме уште посилно!”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.