Оризопроизводителите најавуваат масовен протест со блокада на сите регионални патишта на Истокот, доколку од Министерството за земјоделство не добијат позитивен одговор на нивните 12 барања. На последната средба со ресорниот министер побараа интензивирање на откупот и зголемување на цените на арпата на 25 до 30 денари и 55 до 60 денари за килограм бел ориз. Одговор требаше да добијат во петок.
– Очекувавме министерот да ни се јави, за жал од сето тоа нема ништо. Ќе му дадеме рок до вторник, доколку не одговорат на нашите барања, ние со механизацијата ќе излеземе на патиштата, изјави Здравко Арсов – оризошроизводител од с. Облешево.
Тактизираат и откупувачите. Најголемиот дел од годинашната реколта остана во амбарите.
– Околу 70 % не е откупена арпата, само 30 % е откупена, додаде Арсов.
Од министерството за земјоделие добиле уверување дека субвенциите ќе им бидат исплатени до Нова Година.
– Субвенциите значат сервисирање на сите обврски, струја, вода, огрев, облека и да ја пречекаме Новата Година и Божиќ, како и сите други граѓани на Р. Македонија. Ние не бараме многу, бараме само достоинствено маката да ни се плати, ни повеќе, ни помалку, изјави Арсов.
Оризот е берзански производ, па од Самостојниот синдикат на индивидуални земјоделски производители наведуваат дека просечната цена на арпата на берзите е 26 денари, а 64 денари за килограм бел ориз.