Винарската визба „Тиквеш“ по десет години го враќа седиштето во Кавадарци

Седиштето на винарската визба ,,Тиквеш’’ повторно по десет години се враќа назад во Кавадарци.
Информацијата ја потврди градоначалникот Митко Јанчев, кој денес имаше средба со Радош Вукичевиќ, генералниот директор на винаријата.

-Ова е прекрасна вест за лозарите, за градот! Винарската визба ,,Тиквеш’’ е компанија од големо значење за Општина Кавадарци, пред се поради големата соработка со лозарите. Лозарството е најзначајна и најзастапена гранка во Тиквешкиот регион, и заслужува големо внимание.

Речиси секое кавадаречко семејство поседува обработлива земја на која одгледува винова лоза. Седиштето на ,,Тиквеш’’ подолг период е во Скопје, се до ден денешен. Со заеднички договор со управниот одбор на винарската визба ,,Тиквеш’’, компанијата одлучи седиштето да го врати во Кавадарци. Одлуката ќе влијае врз соработката со граѓаните на Кавадарци и лозаропроизводителите и ќе придонесе кон локалниот економски развој.

Од големо значење е тоа што бизнис секторот на Кавадарци се збогатува со уште една компанија која што е симбол за општината – изјави Јанчев.

Генералниот директор на ВВ ,,Тиквеш’’ вели дека природно е Тиквеш да биде базиран во својот матичен град.

-По извесно време, по одредени анализи во насока на намерата на компанијата да придонесе за локалниот економски развој, управата одлучи седиштето да го префрли во градот Кавадарци.

Со тоа, веруваме дека ќе ја интензивираме соработката со лозарите и другите винарници, но и со самиот град и со градоначалникот. Веруваме дека заеднички можеме да придонесеме во низа на инфракструктурни и развојни проекти, како развој на туризам, вински туризам, и винарството првенствено. ,,Тиквеш’’ е најголемата винарија во Македонија и тоа го може – порача Вукичевиќ.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.