Актерот Вил Смит доби 10-годишна забрана да присуствува на галата на „Оскарите“ и другите настани на Академијата за филмска уметност, по инцидентот што го предизвика минатиот месец, пренесуваат американските медиуми.
Во соопштението на Академијата се наведува дека 94. церемонија на доделување на најпрестижните филмски награди била засенета од неприфатливото и штетно однесување на Смит на сцената. „Забраната има за цел да ги заштити изведувачите и гостите, и да ја врати довербата во Академијата.“
Во соопштението се наведува дека во моментот кога Смит му удри шлаканица на Крис Рок, Академијатата била неподготвена за таква случка без преседан.
Таа се извини за справувањето со ситуацијата за време на директниот пренос.
„Во текот на телевизискиот пренос, не ја адресиравме адекватно ситуацијата. За ова ни е жал. Ова беше можност за нас да дадеме пример за нашите гости, гледачи и семејството на Академијата ширум светот, а ние потфрливме – неподготвени за ваков преседан“.
Академијата му се заблагодари на комичарот Рок што ја задржал својата присебност и смиреност под вонредни околности.
Смит му удри шлаканица на Рок откако комичарот се пошегува за изгледот на сопругата на Смит, Џејда Пинкет Смит.
Набргу по инцидентот, Смит доби „Оскар“ во категоријата Најдобар актер во главна улога – за ликот Ричард Вилијамс, татко на тениските ѕвезди Венус и Серена, во филмот „Крал Ричард“.