Викендов во Прилеп ќе се одржи 16-тиот по ред карневал „Прочка“

По 16-ти традиционален пат во Прилеп, овој викенд, ќе се одржи меѓународниот карневал „Прочка 2017“. Како и секоја година организатори на овој настан се Општина Прилеп, одделението за култура и Здружението на граѓани „Прилепски мечкари“. Овој карневал прерасна во вистинска атракција и голем промотивен бренд не само за Прилеп туку и за цела Македонија. Подготовките за Карневалот започнуваат во петок со отворање на изложбата која секоја година е сведок на најрзлични креации на маски изработени од учениците во основните и средните училишта насочувани од нивните наставници по ликовно образование и одделенска настава, кои се партнери во целокупната организација.

_MG_7108

„Во саботата пак ќе се одржи првата научна конференција насловена како „Обреди и фестивали под маски на балканот: традиција, состојба, тенденција.“ во хотелот Кристал Палас. Гости, учесници на конференцијата се пријавени од Србија, Бугарија и Македонија, додека реферати ќе има и од етнолози од Словенија, Хрватска и Грција. На оваа конференција треба да се истакне улогата на маската и маскирањето како дел од културната историја и наследство на територијата на Балканот низ вековите, а собраниот материјал ќе биде испечатен и издаден од Општина Прилеп заедно со Институтот за Старословенска култура кои заеднички ја организираат. Да напоменам и тоа дека од лани детскиот карневал е посебен настан и тој ќе се одржи во сабота со почеток во 12.30ч. кога ќе биде парадата на учесниците до 14 години, на плоштадот Методија Андонов Ченто, каде што покрај дефилето ќе има куклено шоу, магионичари, жонглерски и други атракции за сето тоа да заврши со заедничка забава. Централен настан е меѓународното дефиле кое ќе се одржи во недела, на кое ќе се претстават бројни групни и поединечни маски, а стартот е од ЦК „Марко Цепенков. Трасата ќе се движи се до плоштадот Методија Андонов Ченто каде што ќе биде главното претставување со изведена кореографија и музика“, изјави Снеже Ристеска, советник за култура во Општина Прилеп.

_MG_7114

Организаторите апелираат сите оние кои сеуште не се пријавени, а скаат да учествуваат на Карневалот да ја посетат страницата на карневалот каде има пријава која можат да ја испратат по електронски пат или пак непосредно пред карневалот во билетарницата на ЦК „Марко Цепенков“. За најубавите маски ќе има и награди во неколку категории за кои ќе одлучува стручна жири комисија.

„Освен гостите од Прилеп и Македонија, оваа година потврдено присуство имаат групи од два град од Албанија, Каваја и Корча, од Србија има од Бања Ковиљача, Шабац, Лесковац, Белград, Бела Црква, Врњачка Бања и уште неколку други, од Бугарија ќе ни дојдат гости од Перник. Годинава значи се очекува да имаме околу 1.000 учесници. Здружението „Прочкари“ прави маска која што не е видена досега на овие балкански простори, маска која ќе даде голем поттик за размислување за нашите обичаи и традиции, а паралелно со тоа и средните училишта изработуваат интересни маски“, истакна Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“.

_MG_7126

Од Локалната самоуправа истакнаа дека очекуваат сите овие случувања да донесат многу позитивна енергија и расположение во Прилеп, кое ќе овозможи барем за момент да ги оставиме проблемите настрана и да уживаме.

„Карневалот „Прочка“ е еден од поголемите културни брендови не само на Прилеп туку и на Македонија и влегува на мапата на тој т.н. фестивалски и културен туризам кој Прилеп го негува веќе со години. Успеавме во овие години од една локална традиција овој настан да го претвориме во меѓународен карневал кој е влезен во Европската асоцијација на карневалски градови. Пред неколку години во Прилеп се организираше и Светската конвенција на карневалски градови, кога во Прилеп дојдоа неколку стотини делегати од преку 70 земји од светот. Се заблагодарувам на прилепските мечкари, и тимот од локалната самоуправа кој го работат овој карневал и го претставија Прилеп како еден од најзначајните карневалски градови во овој дел на Европа. Идејата беше карневалската традиција да се префрли на најмладите и се надевам дека успеавме во тоа. Исто така сакам да упатам голема благодарност до угостителските објекти кои сите си организираат разни маскембали, а Советот на општина Прилеп го продолжи и работењето на сите угостителски објекти. Ги поканувам сите граѓани на Македонија да дојдат овој викенд во Прилеп каде ќе биде најлудата забава во државава и каде се очекува, доколку бидат добри временските услови, дефилето во неделата да го проследат над 40.000 луѓе“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

_MG_7139

Одбебележувањето на Карневалот како и секоја година традиционално завршува во понеделникот, со ручек од посно гравче кое го даваат „Прилепските мечкари“. Тоа е вековна традиција и секоја година се одржува во некој верски објект, каде касапите се молат за прошка на своите гревови, а потоа се служи ручекот со посен грав кој претставува вистински специјалитет, затоа е подготвен само на масло, без вода. Тоа е тајна на касапите која досега несакаат да ја откријат. „Прилепските мечкари“ ги покануваат сите кои сакаат да го пробаат овој грав да дојдат во понеделник во 12 часот во манастирот „Св. Ѓорѓија“, кој се наоѓа над вештачкото езеро.

plakat

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.