(Видео) Хрватите не го заборавиле “Маршалот”: Реки од луѓе го прославуваат 130-тиот роденден на Јосип Броз

Илјадници почитувачи на ликот и делото на Јосип Броз Тито се собраа денеска во неговиот роден град Кумровец, во Хрватско Загорје, на традиционалното одбележување на Денот на младоста, кој во поранешна Југославија се прославуваше на 25 мај како дел од роденденот на доживотниот претседател на СФРЈ.

Овогодинешниот собир наречен „Ден младост-радост“, кој се совпаѓа со 130-годишнината од раѓањето на Тито, го организираа Здружението „Јосип Броз Тито“ од Хрватска, од Крапинско-загорската жупанија и општина Кумровец.

Многу граѓани кои дојдоа од цела Хрватска, но и од поранешните југословенски републики, претежно од соседна Словенија, носеа црвени шалови и капи „титовки“, униформи и маици со ликот на Јосип Броз Тито, но и знамиња со ознаки на поранешните републики и СФРЈ.

На собирот присуствуваше и поранешниот претседател на Хрватска Стјепан Месиќ. Насобраните се фотографираа пред споменикот на Тито, во близина на неговото родно место, кое граѓаните исто така сакаа да го посетат, па повремено се создаваше колона.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.