Децата заглавени во поплавената тајландска пештера веројатно нема да бидат извлечени во исто време, туку во неколку фази, во зависност од нивната здравствена состојба, соопштија денес тајландските службеници кои раководат со операцијата на спасување.
Како што е истакнато, секој ден ќе се проценува подготвеноста на децата и ако има било каков ризик, операцијата нема да биде спроведена, пренесува агенцијата АП.
Децата и нивниот фудбалски тренер во моментов се опоравуваат. Се прават анализи со цел да се одбере најбезбедниот начин да се извлечат надвор, а во опција е и нуркање.
За жал, децата не знаат да пливаат и да нуркаат, а теренот по кој треба да го прават тоа е опасен дури и за професионални нуркачи.
Во пештерата заедно со специјалните единици влегле и медицински лица кои ќе се грижат за здравјето на децата.