Во турскиот Парламент минатата ноќ дојде до тепачка меѓу пратеници на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) и на опозициската Репбликанска народна партија (ЦХП), во текот на гласањето околу предложените уставни реформи со кои треба да се зајакне позицијата на претседателот Реџеп Тајип Ердоган.
Како што јавија турските медиуми тепачката, во која пратениците се туркале и се размениле удари со тупаници, се случила пред собраниската говорница.
Пред тепачката пратениците на ЦХП ги обвиниле колегите од АКП дека гласаат надвор од кабините за тајно гласање со што го кршат Деловникот, а до инцидентот дошло кога претставници на владејачката партија се обиделе да му го одземат телефонот на еден опозициски пратеник кој го снимал, како што тврди опозицијата, „непочитувањето на тајноста при гласањето“.
АКП, со поддршка на десничарската Партија на националистичката акција (МХП), се обидува да издејствува усвојување на уставни промени со кои парламентарниот систем би се трансформирал во претседателски со што би се зајакнала извршната власт на шефот на државата и на Ердоган би му се овозможило да добие уште два нови мандати на функцијата претседател на Турција.
Од друга страна, ЦХП и курдската Демократска партија на народите (ХДП) се противат на реформите, тврдејќи дека со нов ќе се зајакна авторитарното владеење на Ердоган.
Сепак и покрај тепачката, на седницата што тареше до раните утрински часови, турскиот Парламент усвои три од 18-те предлог-амандмани. Продолжението на седницата е закажано за денеска попладне.
За усвојување на секој амандман потребна е поддршка од најмалку 330 пратенци во 550-члениот Парламент. АКП има 316 пратеници, а МХП – 39, што е за 25 повеќе од неопходниот минимум за усвојување на уставните реформи.
Со уставните измени се предвидува изборот на Владата од надлежност на Парлементот да премине во надлежност на шефот на државата, а на Ердоган би му се обозможило да се кандидара за претседател и во 2019 и во 2024 година, со што би можел да остана на функцијата до 2029 година.