(ВИДЕО) “Погледнете, Градоначалникот си го призна кривичното дело, дека гради без одобрение и детален план!?”

На неколку дена пред референдумот во Прилеп започнаа да се асфалтираат неколку улици, кои долго време стоеа тампонирани, па локалните власти решија дека токму сега пред референдумското изјаснување на граѓаните за судбината на името на државата, треба истите да ги асфалтираат.

Според она што на прес конференција го истакнаа од прес центарот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, градежни активности се изведуваат и во ромската населба “Три багреми”, населба за која како што посочија нема ниту детален, ниту генерален урбанистички план.

“При крај на градежната сезона во која локалната власт во Прилеп не сработи ниту еден инфраструктурен проект, ама на неколку дена пред референдумот со кој се спрема бришење на македонскиот народ, вчера на терен се започнати градежни активности во населбата Тризла, заедно со делот „Три багреми”.

Бараме градоначалникот Јованоски да објасни за какви градежни активности станува збор и дали има основен проект за истите? План, програма и одобрение за градба, или повторно ги заобиколувате законите?

Исто така прашуваме на кој начин е изградена нисконапонската мрежа во местото Три багреми, а сите знаеме дека тој дел од населба Тризла се уште нема детален урбанистички план?

Господине Јованоски и сите во Секторот за урбанизам и градежништво при Општина Прилеп, кој дал налог на фирмата изведувач да работи на терен?

Односно ако е даден налог за работа, кој одлучивте да го потпише и го жртвувате да одговара за сторено кривично дело?

Дали градоначалникот или некој во Општината може да се осмели да даде одобрение за градење, онаму каде што нема услови?

Одговорите на овие прашања треба да ги знае целата прилепска јавност, затоа што одговорност мора да има!Одговорност ќе има за тој што во случајов ги прекршува законите… Да ве потсетиме, дека во населба Тризла, местото Три багреми нема ни детален урбанистички план, ниту генерален урбанистички план. Иако Илија Јованоски со своето доаѓање на градоначалничката функција вети дека ќе има целосна урбанизација на оваа населба, чесно е да признае дека деталниот план не е ни започнат да се прави.

Треба да одговорите, дали граѓаните од населба Тризла ќе имаат проблем со напојувањето на струја точно за време на грејната сезона? Дали ако не дај Боже се случи некаква хаварија, овој проект кој е дива градба, ќе го третирате како дива градба и за тоа ќе ги обвините самите жители на оваа населба? Дали и како Општината спроведува проекти кои не се поддржани со соодветна документација? Или решени сте сето ова да го прескокнете, свесно и да направите кривични дела за кои следува затворска казна, само да успеете во уцената да ги натерате луѓето да излезат да го поддржат договорот за промена на името Македонија?” – посочија од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Давајќи одговор на одржаната прес конференција, градоначалникот Јованоски индиректно призна дека деталните урбанистички планови сеуште не се направени.

„Тие 12 години, не направија ниту еден детален урбанистички план во градот, а сега сакаат деталните планови да бидат готови за неколку месеци. Општина Прилеп ќе ги направи сите ДУП-ови што се предвидени за оваа година, за она што треба да го реализираме, за капиталните проекти што ни се ветени. И сите ДУП-ови во градот ќе бидат направени. Ние им го ветивме тоа на граѓаните и ќе биде направено, во мојот мандат од 4 години. Ама некој да зборува за ДУП, а 12 години да не направи ниту еден, нема право тоа да го зборува. И мислам дека и она што го ветивме за ‘Три багреми’ и за сите останати населби за граѓаните, ќе биде направено, што се однесува и на инфраструктурата и на капиталните проекти“, порача Јованоски.

Дали градоначалникот индиректно призна кривично дело и дали и покрај немањето детален урбанистички план продолжуваат да се одвиваат градежните зафати, треба да утврдат надлежните органи…




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.