„Нема да учествуваме во менување на Уставот, немате двотретинско мнозинство“, му порача експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски на премиерот Зоран Заев и ја напушти салата на Комисијата за уставни прашања.Тој рече дека тесен владин круг брзал да склучи штетен договор со Грција без да ги вклучи опозицијата и експертите.
-Наместо за повисоки плати и пензии, Владата реши да се занимава со менување на Уставот и името на државата. Договорот со Грција, овој тесен владин круг го претставува како национален интерес, но тоа бара консензус, а ни еден опозициски пратеник или коалиција не беше вклучен во тие тајни преговарања. Пред да се потпише договорот немаше ниту јавна дебата, експерти, па дури и претседателот на државата беше исклучен од преговорите и потпишувањето на штетниот договор со Грција. Со тоа ги потценија граѓаните.Наместо консензус создаде поларизација на граѓаните. Создаде чувство на потчинетост на друга држава и дека е туѓо решение, рече Вељаноски.
Тој додаде дека граѓаните на референдумот го отфрлиле договорот.
-Се случи 30 септември кога со пасивност и неизлагање народот ја победи пропагандата на власта. Тоа е имепратив, задолжителна обврска за Собранието и за сите. Немаме мандат да ја менуваме одлуката на народот. Немаме намера да учествуваме во обидот за менување на Уставот. Слободно продолжете во благопријатна атмосфера ако сакате, ама да знаете дека немате двотретинско мнозинство за менување на Уставот, додаде тој.
Другите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ останаа во салата и дел од нив се јавија за реплики.