Велигденските кули претставуваат традиционална културна манифестација, а воедно и обичај кој се негува во Македонски Брод и датира уште од Османлиското ропство. Maкедонскиот православен народ за време на Османлиското ропоство бил доста угнетуван и не му се дозволувало да ги слави своите православни празници, ниту пак да ги извршува своите вообичаени обреди и обичаи за време на празниците. Длабоко исфрустрирани од овој начин на однесување, најугледните броѓани одлучиле да одат во Цариград кај султанот и со злато да откупат еден празник во годината кога ќе смеат слободно да празнуваат и најпосле да се почувствуваат гордо и среќно поради тоа што се христијани. Како таков празник и голем ден тие го избрале вториот ден од големиот празник Велигден. Начинот на кој тие сакале да му покажат на поробителот колку се среќни на тој ден претставува една фантастична отслика на духовната сила која ја поседувале на овој нивен ден. Броѓани одлучиле да прават кули од луѓе кои се состојат од два реда со кои јасно ќе им покажат каде се наоѓаат на тој ден и буквално ќе стапнат врз вратот на поробителите (Османлиите).
Покрсти како дел од Велигденските кули
Пред да се прават кулите, рано наутро се носат Покрсти, кои започнуваат со литургија во градската црква(нешто пред 8 часот), а потоа се прави поворка на чело со свештеникот позади кого доброволните верници носат религиски обележја и икони, додека пак учесник во покрстите може да биде секој што ќе посака без никаква посебна одговорност(носење на икони и сл.) и така собраната поворка го заобиколува целиот бродски атар на сите четири страни. Веднаш по тргнувањето на покрстите се излегува по ридот до местото викано Топола, каде што се врши првото заклинување. Заклинувањето се врши така што еден од верниците зема секира и на еден даб (каде што порано се наоѓала црква) се формира крст во кората и се отвора отвор во кој свештеникот за време на своето пеење го полни со нафора(свето лепче) и вино и ги пее стиховите кои им се добро познати на сите дотогашни учесници на покрстите, а тие звучат: “Христос воскресна од мртвите, Со смртта смртта ја победи и на тие во гробвите животи им даде”.
Овој обичај симболично го демонстрира трнливиот пат на Исус Христос од фаќањето во Гетсиманската градина па се до Голгота, каде што е распнат. Крстот на кората го симболизира крстот на кој е распнат Исус, отворот(дупката) е гробот Исусов, додека пак лебот и виното се телото и крвта Исусова и на крајот дупката се запечатува со клин. Како што во пролет ќе оживее дрвото и на некој начин ќе даде нов живот, така и Христос со воскресението од гробот дава нов живот. Ова заклинување се вржи на сите четири страни од Македонски Брод на различни дабови (кои се точно одредени) и некаде на пладне повторно групата стигнува во градската црква.
Веднаш по враќањето назад, почнува подготовката за Велигденските кули, каде пред издигнувањето на истите се извршува обичајот Каленчицa. Во извршувањето на овој обичај кој според горенаведеното е предвесник на почетокот на правењето на кулите учествуваат девојчиња облечени во народна носија кои прават шпалир и пожелно е сите кои сакаат да бидат дел од Велигденските кули (без разлика дали ќе земат активно учество) да поминат под тој шпалир, додека пак најхрабрите момчиња кои веќе поминале под шпалирот веќе почнуваат да ги прават кулите. Кулите се состојат од два реда на луѓе од кои во секој ред има по петмина. Пет момчиња од долниот дел се фаќаат рамо за рамо и врз нивните рамена стапнуваат уште пет други момчиња кои исто така се држат рамо за рамо, кои го формираат горниот дел на кулата. Кулите исто така мора да бидат 5 на број, симболизирајќи го петвековното турско ропство кое владеело во нашата татковина.
Долниот дел од кулата го претставуваат поробителите- Османлиите, а пак горниот ред ги претставува македонските христијани кои носени од помислата дека ќе дојде денот кога буквално ќе стапнат врз вратот на непријателот( поробителот) и гордо издигнувајќи се јасно им покажуваат на сите присутни дека ќе светне сонцето на слободата и сите празници ќе може да се прославуваат со голема среќа, слобода и бескрајна радост. Додека кулите го изминуваат патот од пред градската црква до местото на поранешното сретсело, оние кои се на горниот ред пеат црковни и македонски патриотски песни и повеќе од јасно ни укажуваат дека храброста и издржливоста на македонецот е непокорна дури и во денови кога бил под туѓо ропство и непрекинати угнетувања. Секоја година на вториот ден од празникот Велигден, овие кули ни потенцираат дека треба нескротливо да ја сакаме и чуваме нашата света православна вера и да ги негуваме сопствените обичаи и празници кои се од непроценлива културна вредност, а од друга страна и му покажуваме на целиот свет дека сме единствени и свои-православни христијани.