Екипата на РК Прилеп ита кон сигурен опстанок во ракометната Супер лига. Синоќа во спортската сала на СОУ “Ристе Ристески-Ричко”, прилепчани стигнаа и до третиот триумф во плеј-аут разигрувањето, совладувајќи ја екипата на Мулти Есенс со 34:31.
Се чини дека на кaпитенот Филип Велески и тренерот Божидар Мојсов, конечно успеваат целосно да ги мотивираат момците и да им вродат желба за победа.
Во “Ричко” синоќа и двете екипи се покажаа како тврд орев, па натпреварот беше во егал се до последните 15 минути, кога РК Прилеп конечно ја презеде иницијативата и дојде до водство од 4 погодоци (29:25).
Понесени од поддршката од публиката, прилепчани не дозволија изненадување и ја задржаа разликата до последниот судиски свиреж.
Речиси традиционално во редовите на домашната екипа најдобар поединец беше Владан Кастратович со 8 погодоци, 4 постигна Пеце Рајатовски, Денис Шабановиќ натпреварот го заврши со 6 гола, а Никола Цветаноски со 5.
Прилепчани се домаќини и на следниот натпревар, кога во “Ричко” на 03.03. го дочекуваат Аеродром.