Утре православните христијани го празнуваат големиот верски празник Голем или Источен петок, односно Балаклија.
Жителите од најстарата прилепската населба Варош и манастирот Св. Архангел Михаил утре широко ќе ги отворат портите.
Инаку празнувањето на Голем Петок е вековна традиција која започнува со литургија во утринските часови во манастирската црква, каде огромен број верници доаѓаат, ќе се помолат и ќе нацрпат од изворските води на манастирот, за кои се верува дека се лековити.
Варошани своите куќи на овој ден ги украсуваат со зелени гранчиња и чекаат гости.
Со овој празник, посветен на Пресвета Богородица, и се оддава признание на мајката Божја, поради тоа што непосредно по Велигден нема друг празник поврзан со нејзиното име.
Во некои места празникот е познат под името Богородица Балаклија. Поради тоа што Богородица му ги миела раните на Исус, на овој ден луѓето ги посетуваат изворите ги мијат лицето и очите, или три пати преку себе префрлаат вода од изворите. Поради тоа најчесто овој празник се празнува во црквите што се покрај извори.
На сите граѓани, а посебно на варошани им го честитаме празникот, со желби до година да пречекаат голем број гости.
За многу години!