Вандалите во Македонија ќе извршуваат општокорисна работа за направената штета – Владата ќе го даде конечниот збор!

Како ЗЕЛС, на последната седница на Управниот одбор, едногласно ја прифативме иницијативата на градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски и денес официјално ја доставуваме до Владата. Се залагаме за воспоставување меѓуинституционална соработка со цел воведување на општокорисна работа како мерка за малолетни сторители на вандализам, истакна претседстелот на ЗЕЛС Орце ​Ѓорѓиевски.

-Вандализмот и уништувањето на урбаната опрема, јавните површини и јавните добра се проблем кој бара системско решение. Поради тоа, предлагаме формирање на стручна работна група составена од претставници од Владата, ресорните министерства, центрите за социјална работа, училиштата и невладините организации. Оваа работна група ќе има задача да подготви дополнување и измена на повеќе закони.

Конкретно, иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел воведување општокорисна работа како мерка која ќе спречи вандализам и ќе придонесе кон ресоцијализација на малолетниците. Дополнително, се предлага и разгледување измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции, за да се обезбеди правна рамка која ќе ја вклучи и одговорноста на родителите преку можност за заедничка општокорисна работа.

Со оваа иницијатива не сакаме само да санкционираме, туку и да превенираме. Важно е да ја подигнеме свеста кај младите, да ги едуцираме за значењето на јавните добра и да создадеме механизми за нивна ресоцијализација. Општокорисната работа има двоен ефект: од една страна, им помага на младите да стекнат чувство на одговорност и почит кон заедницата, а од друга, спречува повторување на ваквите негативни појави.

Секој чин на вандализам е аларм кој мора да се сфати сериозно. Дури и едно спречено насилство или уништување на јавен простор значи создавање побезбедна и поуредена заедница за сите граѓани.

Затоа, очекуваме Владата и сите надлежни институции да ја поддржат оваа иницијатива. Нашата цел е заеднички да изградиме правна рамка која ќе донесе вистински промени и ќе им помогне на младите да станат одговорни граѓани, истакна ​Ѓорѓиевски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.