Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во имплементацијата на проектот „Рано откривање на пожарите и нивно движење за превенција и справување со катастрофи – eFIDAR“, набави две противпожарни возила за ТППЕ Валандово и ТППЕ Гевгелија во вредност од над 200.000 евра.
Малиот камион за спасување ќе биде за употреба на ТППЕ – Гевгелија, а возилото односно пикапот за прв одговор ќе биде за употреба на ТППЕ Валандово.
Во меѓувреме се направи модификација на проектот со што Центарот доби дополнителни средства и веќе во процедура е набавката на трето противпожарно возило кое ќе биде наменето за ТППЕ – Струмица.
Ваквата набавка на специјализирани возила ќе ги олесни интервенциите на терен, особено во делот во справување со шумски пожари, а воедно ќе ја зголеми и ефикасноста на сите територијални противпожарни единици од Југоисточниот плански регион.
Со новата модификација исто така ќе бидат набавени и три дронови со сензорни камери кои ќе се користат за рано откривање и маркирање на пожарите на тешко пристапните места.
Проектот е финансиран од страна на Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Р. С. Македонија.