Бугарско знаме на споменикот од Гоце Делчев во Градски парк во Скопје (Фото)

„Фондација Македонија повторно го исчисти споменикот на Георги Делчев во Скопје“, пишува на фејсбук страницата на бугарската фондација. Активисти на таканаречената фондација „Македонија“ поставија бугарско знаме на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје.

Покрај овој споменик, тие најавија дека од денеска до 21 август ќе имаат нови активности во Македонија, меѓу другото и да „исчистат неколку споменици“.

Претседателот на фондацијата Виктор Стојанов на 11 август за бугарските медиуми даде изјава дека му бил забранет влезот во Македонија кога со „членови на фондацијата се спремале да исчистат споменик кој општината не го одржува соодветно“.

Стојанов на својот фејсбук-профил редовно информира за активностите на фондацијата на територијата на Македонија. Тој сега повикува и други лица да му се приклучат затоа што деновиве планира и нови акции кои ќе ја шират нивната кауза.

„Фондацијата Македонија бара доброволци кои можат да патуваат во Македонија од 15 до 18 август. За 19, 20 и 21 август планираме неколку иницијативи и неколку наши групи ќе патуваат во Македонија“. „Ех, Скопје, Скопје. Уште ништо не си видел“. Ова се дел од пораките на фејсбук страницата на Фондација Македонија.

Оваа фондација пред неколку месеци се пофали дека низ Скопје залепи 10.000 налепниците на кои пишувало дека сме биле еден народ со Бугарите.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.