Бронзен во Бразил и Дубаи, трет пат златен медал на Македонската хемиска Олимпијада – Гимназијалецот, Петар Мирчески е гордост на Прилеп и Македонија (ФОТО)

Секоја година во септември, Сојузот на хемичарите организира средба на која се споделуваат постигнувањата од меѓународните натпревари и се изразува благодарност до сите кои придонеле за нивниот успех. Оваа година настанот се одржа на 30 септември (вторник), во библиотеката на Институтот за хемија.

Гимназијата „Мирче Ацев“ oд Прилеп со гордост ги истакнува достигнувањата на својот ученик, Петар Мирчевски, кој по трет пат освои златен медал на Македонската хемиска олимпијада. Но, радоста не завршува тука – Петар уште повеќе не’ израдува со два бронзени медали: едниот од Менделевата хемиска олимпијада IMO 2025 во Бело Хоризонте, Бразил, и вториот од Меѓународната хемиска олимпијада IChO 2025 во Дубаи, ОАЕ. Со овие успеси, Петар постави нов рекорд за нашата гимназија, за градот Прилеп и за цела Македонија, со вкупно три бронзени и еден сребрен медал на светски олимпијади.

Сојузот на хемичарите изрази голема благодарност до општина Прилеп, која континуирано го поддржуваше Петар, обезбедувајќи максимален дозволен износ за пат, визи, котизација и други трошоци. На свеченото доделување на медалите, признание доби и менторот Блаже Димески, а благодарницата во името на општината ја прими заменик-градоначалникот Диме Бозоски.

Да му посакаме на Петар уште многу успеси како студент на ПМФ – Хемија, а на нашата гимназија и на општина Прилеп – да продолжат со поддршка и инспирација за новите генерации на млади таленти, поттикнувајќи ги да го следат патот на истражување, знаење и светски достигнувања.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.