Во пресрет на големото и светло празнување на Божиќ – моментот кога Божествениот Младенец ја осветлува земјата, раѓајќи се во скромна пештера за да ни ја донесе неизмерната радост на спасението, нашите домови се повикани да блеснат со традиционален празничен украс.
Нека во секое семејно катче и оваа година засветли Витлеемската пештера, како силно сведоштво за настанот што се случи пред повеќе од два милениума во таа тивка и свештена Божиќна ноќ.
Следејќи го барањето на нашиот верен народ, а со благослов на епископот Антаниски г. Партениј, и оваа година сестринството на Рајчичката обител се потруди да изработи традиционални Божиќни украси во вид на некогашната Витлеемска пештера. Овие украси се збогатени со иконата на Рождеството Христово и со кандило, давајќи им можност на сите заинтересирани да го надополнат Божиќниот амбиент во својот дом, во духот на нашата православна традиција.
Сестрите од Рајчица со голема љубов кон Бога, трпение и молитви за мир и благосостојба, изминатите години имаат изработено стотици пештери во различна големина, кои красат многу домови, цркви, но и простории на компании, фирми, институции.
И овој пат, рачно изработените Божиќни пештери ќе можете да ги нарачате на следниов број: 077 551 287 кај сестра Филотеја
Нека Божиќната радост се всели во секој православен дом!

























