Месец Март е месец на Франкофонијата, месец на празнување на францускиот јазик во земјите во кои се изучува, а не е мајчин јазик. По тој повод традиционално, гимназијата „Мирче Ацев“ организира Француска вечер. Оваа година гимназијалците и професорите приредија претстава на француски јазик која долго ќе се памети.
Гимназијалците се претставија со музичката драма „БОГОРОДИЧНАТА ЦРКВА ВО ПАРИЗ“
Салата на театарот „Војдан Черндрински“ беше претесна да ги прими сите заинтересирани посетители. Меѓу посетителите беа градоначалникот на Прилеп, Г-дин Марјан Ристески, Г-ѓа Марија Николова – координатор за Франкофонија во Министерството за образование, Г-ѓа Елисавета Поповска – претседател на здружението на професори по француски јазик и Амбасадорот на Република Франција, Неговата Екселенција, Господинот Кристиан Тимоние.
Оваа е прва посета на висок странски дипломат на настан организиран од прилепската Гимназија. На учениците и вработените во Гимназијата им е посебна чест и му изразуваат голема благодарност за неговото присуство.
На почетокот на настанот во знак на сеќавање на Евалина Блажеска, која беше ученичка при Гимназијата, а која за жал трагично и премногу рано го изгуби својот живот, Прилепската пиварница под покровителство на Г-ѓа Панде Самарџиоска, мајка на Евалина, додели годишни донации на пет ученици, матуранти при Гимназијата.
Потоа следуваше музичката драма, моментот кој сите со нетрпение го очекуваа.
Низ песна, танц и глума, под шаренило од бои, со прекрасна сценографија и кореографија, гимназијалците еден час им го земаа здивот на присутните во публиката. Различни чувства, овации и аплаузи ја исполнуваа салата во театарот до крајот на претставата.
Ова беше несекојдневен театарски настан. Гимназијалците со овој мјузикл, го доловија француското општество и раскажаа една љубовна приказна, опишани во делото на Виктор Иго.
Незаборавен е настапот на Симеон Мерипушкоски кој во улога на Квазимодо изнуди и по некоја солза во публиката. Бистра Петреска како Есмералда со музичкиот настап и глума ги воодушеви сите гости, а раскажувачот, балетот и останатите исполнители го направија овој прекрасен настан, настан за кој долго ќе се зборува.