По синоќешниот концерт на „Дамјан Пејчиновски трио“ со кој го прослави својот 56-ти роденден, Фестивалот „Охридско лето“ продолжува со музичката програма со вечерашниот концерт на руската пијанистка Ана Винитскаја.
Со своите многубројни концерти низ светот Винитскаја има стекнато углед на исклучителен пијанист. Своето образование го почнува под менторство на своите родители-пијанисти, а подоцна се запишува на Конзерваториумот „Сергеј Рахмањинов“ кај видни професори од оваа област, меѓу кои и познатиот руски пијанист – Евгениј Королиов. Како солист редовно настапува со некои од најреномираните оркестри во светот, а соработувала и со голем број еминентни диригенти.
Добитник е на бројни награди на национални и интернационални натпревари, а во својата биографија впишува и повеќе награди за компакт-дисковите кои ги има издадено, меѓу кои и престижната награда „Еко Класик“ (Echo Klassik) во 2011 година.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ од 21 часот, а на програмата се дела на Шуман, Брамс, Шопен.
Во рамки на „Охридско лето“ вечер како ретроспектива на продукцијата на „Вардар филм“ во Центарот за култура од 20 часот ќе се прикажува филмот „До победата и по неа“ од 1966 година.