Денес по повод празникот на Св.Преподобна маченица Параскева-Петка, во истоимениот црковен храм во населбата Точила, беше отслужена Св. Архиерејска Литургија.
Со литургијата чиноначалствуваше Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар во сослужение на повеќе свештенослужители.
Голем број верници го посетија храмот, кој блескаше од убавина.
На Божествената Литургија молитвено учество зедоа двата хорски ансамбли при храмот, “Свето Благовештение” и “Света Петка”, а под раководство на протопсалт Г. Секулоски и чтец Денис Најдоски.
По завршувањето на Литургијата, по повод 17 години од трагичниот настан на Карпалак, се отслужи и Панихида за молитвен спомен на десетте загинати прилепски бранители.
Света Петка, која пострада за Христа – Вечниот Цар, во времето на привремениот римски цар Антонин, нека се моли пред Престолот на Небесниот Иерусалим и оттаму да ја испроси Божјата закрила и помош на сите оние кои што со љубов го чествуваат нејзиниот спомен.
За многу години!