Се извинувам за фактот што информациите што ги добивме беа погрешни. Исто така се извинувам и за грешките во планирањето и со сигурност за погрешната процена што ќе се случи откако ќе го симнеме режимот.
Тони Блер за прв пат се извини за војната во Ирак и изјави дека има „делумна вистина“ во тероијата дека инвазијата помогнала во креирањето на терористичката Исламска држава – ИД, пренесува британски „Индепендент“.
Во интервју за Си Ен Ен поранешниот премиер изрази жалење затоа што информациите што стоеле зад одлуката за нападот врз Садам Хусеин во 2003–тата биле погрешни и призна дека имало грешки за време на планирањето на операцијата.
На прашањето како се чувствувал откако не успеале да најдат оружје за масовно уништување во Ирак, Блер одговори:
– Се извинувам за фактот што информациите што ги добивме беа погрешни. Исто така се извинувам и за грешките во планирањето и со сигурност за погрешната процена што ќе се случи откако ќе го симнеме режимот. Но, воопшто неможам да се извинам што го симнавме Садам, вели тој.
Во друг дел Блер беше прашан дали војната во Ирак го поттикна создавањето на терористичката Исламска држава.
– Сметам дека има делумна вистина во тоа. Секако неможете да кажете дека ние, кои го симнавме од власт Садам во 2003-тата, не сме одговорни за ситуацијата во 2015-тата“.
Во минатото, Блер несакаше да говори многу за тоа што било погрешно. Во 2007-мата тој одлучно тврдеше:
– Не мислам дека воопшто треба да се извинуваме за тоа што го правиме во Ирак.
Инаку, интервјуто со Блер е дел од поголем документарен филм насловен „Долгиот пат до пеколот: Америка во Ирак“, што треба да се емитува следната недела.