Благодарение на AirFlow Music Festival, вратени во функција кино салата “Мис Стон” и популарната Сцена 105 во “Марко Цепенков”

На 13 септември на Спортскиот аеродром во Прилеп се одржa првиот AirFlow Music Festival – спектакл кој донесе голема публика, а кој го пропушти има за што да жали.

Фестивалот имаше хумана мисија, сите средства собрани од продажбата на карти и од спонзорите беа донирани за потребите на повредените од пожарот во Кочани, преку @supportkocani и Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, а собрани беа вкупно 807.500 денари.

Од Центарот за култура “Марко Цепенков” Прилеп, преку соопштение упатија благодарност до организаторите на настанот, а преку примената донација одново во функција е ставена кино салата “Мис Стон” и познатата Сцена 105.

Соопштението од НУЦК “Марко Цепенков” го пренесуваме во целост во продолжение:

Културата е перманентен процес кој ќе трае додека трае човештвото во било каква цивилизациска форма. Оти културата е сегментот од нашето целокупно постоење кој нè дефинира како цивилизација. А институционалната култура и културни програми, барем засега, се основата за интелектуално здраво, прогресивно и разумно општество. Дополнително, здравата институцуионална културна понуда е предуслов за здрава креативна, авангардна и инспиративна субкултурна сцена.

Но, културата и здравата културна средина подразбираат здрава, одржана и функционална инфраструктура која е основа за нормално функционирање како на институционалните, така и на субкултурните движења, иницијативи и други форми на културно дејствување.

НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп срдечно се заблагодарува на организациската структура на културно-забавната иницијатива AirFlow Music Festival и на „Sky Corner Sport Airfield“ за пројавената висока свест за општествена одговорност со несебичната поддршка на нашата институција и материјална донација со која киното „Мис Стон“ беше целосно вратено во функција и повторно е на располагање за граѓаните, а познатата Сцена 105 беше дополнително оплеменета и доби нова димензија за културни настани – и двата како простори преку кои се дефинира и развива културата во Прилеп. Нивниот добротворен потег е одраз на нивното чувство дека секој член на заедницата еднакво треба да ја поддржува, одржува и развива културата, со што Прилеп ќе расте како културна средина и заедница. За тоа сме им длабоко благодарни. Со оваа нивна грижа за функционална одржливост на културните институции во Прилеп, тие директно и отворено ја покажаа и ја покажуваат грижата за културата во нашиот град.

НУЦК „Марко Цепенков“ останува отворен за секаков вид на соработка со сите институционални и вонинституционални културни здруженија и иницијативи, секогаш на првата линија за развој на културата во Прилеп заедно со сите наши почитувачи и поддржувачи, заедно со сите наши граѓани.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.