Ристо Димитров од Битола е македонски амбасадор на Блискиот Исток. Тој е неколкукратен национален и интернационален шампион во Бразилско Џиу Џицу, Граплинг, Самбо, ММА и што уште не. Неговата спортска кариера е исполнета со толку многу успеси и признанија што тешко дека можат да се набројат сите. Од пред две години се наоѓа во султанската држава Оман, каде работи како ММА тренер во UFC GYM Omаn. Неговите ученици се првите кои донесле интернационални медали за Оман, а работата на Ристо е гордост на оваа држава. Неговите и успесите на учениците се вреднувани и поддржани од државата. За разлика од тоа во Македонија не добил ниту една благодарница, ниту пак некаква финансиска поддршка. Со него разговаравме за сите досегашни достигнувања и идни планови во спортската кариера.
Еве како Димитров ја опиша неговата спортска сторија за Маркукуле ексклузивно од Оман.
“Моментално се наоѓам на блискиот исток, поточно во Оман и работам како ММА тренер во UFC GYM Oman.
Имам 32 години и веќе 2 години сум тука и од кога сум тука направив големи успеси во спортот, претставувајќи ја мојата земја, но и Оман. Веќе се натпреварував во Џудо, професионално во Џиу Џицу, граплинг, трчав на најтешките трки како Spartan Race и Tough Mudder (5км, 14км и 22км), со секаков вид на препреки, Мускат Маратон, National Obstacle Race и многу други. Досега освоив 10 медали и многу признанија од кои еден е од најпозната Оманска пратеничка во Оманскиот парламент, еден од најпознатиот универзитет во Оман Sultan Qaboos University”, вели Димитров.
Во однос на спортските успеси во Оман, Димитров вели:
“Добив и многу признанија за промоцијата на Џудото во Оман, како и признанија за промоција на спортот воопшто во Оман. Веќе пишуваа за мене во сите списанија и весници во Оман и имав неколку интервјуа во познатото Virgin Radio.
Ја напишав спортската историја на Оман, донесов за прв пат неколку медали во Оман, а и моите ученици за прв пат во историјата на Оман донесоа интернационален Џудо медал од Кувајт. Веќе во 4 земји се натпреварував на Блискиот Исток и како што споменав донесов 10 медали, а под мое водство моите ученици донесоа 2 големи интернационални медали, во 3 земји, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати и тука во Оман. Веќе сум и сертифициран Life Coach и делам совети за подобрување на животот на моите ученици, но и на луѓе кои им треба и веќе имам позитивни пораки како на некои луѓе сум му го сменил животот на подобро, што преку совети, што преку спорт”.
Што на спортски план постигна додека беше во Македонија?
“Во Македонија бев еден од пионерите за Џиу Џицу и ММА, направив огромни успеси во многу боречки спортови, го донесов првиот професионален појас во Битола во ММА, првите медали во Граплинг и Џиу Џицу, првиот Македонец на Светско првенство во Боево Самбо, под водство на Претседателот Ердал Факиќ, на кого му сум многу благодарен за се што направи за мене. Бев неколку кратен национален и интернационален шампион во Бразилско Џиу Џицу, Граплинг, Самбо, ММА и што уште не. Произведов многу шампиони во Џудо и Џицу и некои се сега членови на репрезентациите. Моите 2 клубови се сеуште активни во Македонија под водство на мојот најдобар пријател и тренинг партнер Александар Петковски Аки”.
Дали државата ги вреднуваше твоите успеси?
“Државата не се грижеше ни кога освојувавме медали, а ни сега кога веќе ја претставувам Македонија на овие простори каде никој не беше слушнал за Битола и Македонија. Се потрудив да сите научат каде и која е Македонија и секаде сум претставен како Ристо Димитров од Македонија”.
Koи се твоите планови за во иднина?
“Моите планови се да продолжам со мојата кариера тука во Оман, каде веќе сум менаџер за настани и главен тренер, а планирам да напредувам во професионалната, но и во спортската кариера. Моето семејство набрзо ќе се пресели тука и продолжувам тука”.
Дали си добил било каква поддршка од нашата држава?
“Никогаш не сум добил, а ниту побарал ништо од државата, а таа пак и не ми доделила барем една благодарница. Не знам дали има поголем амбасадор во спортот посебно на овие простори каде за прв пат слушнаа за нас. Се надевам дека државата ќе обрни повеќе внимание на идните спортски надежи и ќе вложи повеќе во спортот. Наместо да ги бркаме нашите спортски амбасадори да пробаме да ги задржиме”.