-Болница Плодност продолжува со светски достигнувања, преку успесите на своите доктори. Со посебно задоволство, гордост и чест, Ве информираме дека нашиот д-р Синиша Трпчевски, од страна на директориумот на клиниката Klinikum Wels Grieskirhen во Австрија, вчера се стекна со титулата Oberarzt, титула, која е посебно и големо признание за доктор кој работи во Европа. Д-р Синиша Трпчевски веќе неколку години успешно работи на полето на роботска и ендоскопска хирургија во областа на гинекологијата – информираат од битолската болница “Плодност”.
„Во моментот кога ќе се создадат услови за роботска хирургија кај нас, веднаш се враќам во Македонија. Сакам да работам со мојот брат Христијан Трпчевски, за кого слободно можам да кажам дека е најдобар лапароскопски хирург во Македонија во областа на гинекологијата.
Заедно ќе бидеме тим од соништата, а покрај оперативата, ќе едуцираме млади кадри за оваа проблематика, бидејќи во Македонија многу малку се практицира гинеколошката ендоскопија, која всушност е иднината на оперативата.
Сакам да ја продолжиме традицијата на мојот татко, прим. д-р Таше Трпчевски, кој е пионер во Македонија за гинеколошка ендоскопска хирургија“, истакна д-р Синиша Трпчевски, наша гордост во светски рамки.