Битола спасена: Со натчовечки напори целосно ставен под контрола пожарот кај обиколницата

Со целосна и континуирана ангажираност на екипите на ТППЕ Битола, поддршка од јавните претпријатија и дополнителна помош од Центарот за управување со кризи, целосно е ставен под контрола пожарот над Битола.

Претпладнево како воздушна поддршка на противпожарните екипи, пристигна државна помош за Битола, составена од пет „Ер трактори“, од кои 3 од Дирекцијата за заштита и спасување и два од Турција кои се дел од помошта која стигна за справување на Македонија со пожарите.

Екипите на ТППЕ Битола остануваат на терен до целосна ликвидација на пожарот.

Општина Битола и Градоначалникот Тони Коњановски им се заблагодарува на сите вработени во ТППЕ Битола, за нивната посветеност и пожртвуваност во борбата со огнената стихија.

Исто така, локалната самоуправа изразува огромна благодарност до сите општествено одговорни компании кои ја изразија својата хуманост и покажаа интерес да помогнат во обезбедувањето на храна и вода за екипите кои ноќта ја поминаа на терен.

Голема благодарност до медиумите, кои со својата објективност овозможија навремено и објективно информирање на граѓаните за состојбата со пожарот и делувањето на општинскиот кризен штаб.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.