Општина Битола уште еднаш го потврди своето лидерско место меѓу најголемите општини во државата, постигнувајќи најдобар резултат на Индексот на транспарентност на локалната самоуправа за 2025 година. Големиот успех, официјално е објавен од организацијата Транспаренси Интернешнл – Македонија и претставува директна потврда за отвореноста и вистинската отчетност на општината кон своите граѓани.
Извештајот, кој претставува сеопфатен преглед на одговорното работење, покрива значајни области кои се темел на доброто управување: целосната работа на Советот, деталната отчетност на Буџетот, слободниот пристап до информации, јавните набавки, работењето на јавните претпријатија, како и активното вклучување на јавноста преку расправи и конкурси.
Индексот, кој е показател и за граѓанското партнерство, ја мери навременоста, јасноста и достапноста на сите информации. Ова признание потврдува дека Битола е пример за тоа како граѓаните можат ефикасно и лесно да ги користат општинските услуги, градејќи цврста доверба во локалната самоуправа, притоа давајќи поттик за понатамошна надградба и уште подобра функционалност.
Оценувањето беше спроведено според методологијата на Транспаренси Интернешнл, преку прашалник со 91 индикатор, а во анализата беа вклучени најголемите општини од секој од планските региони: Аеродром, Битола, Велес, Куманово, Охрид, Струмица, Тетово и Штип.
Битола докажа дека е најдобра, со најмногу освоени бодови.
Во однос на Советите на Општините прашањата се однесуваат на транспарентноста при објавувањето на одлуките на советот, пропратни акти и документи, информации за гласањето и донесувањето на одлуки во рамките на советот, како и за тоа дали граѓаните навремено се информирани за дневниот ред на седниците на советот и дали истите може да се следат во живо. Секако тука е и достапноста на информации за советниците кои се дел од советот и контакт информации за истите.
Секоја од општините располага со сопствен буџет. Во овој дел општините беа оценувани според 13 индикатoри кои носат вкупно 15 бодови и се однесуваат на учеството на граѓаните во креирање на општинскиот буџет, разбирливост на буџетот, достапност на веб-страниците на општините, информации за реализацијата на буџетот и останати информации кои им овозможуваат на граѓаните полесен преглед за тоа како се трошат буџетските средства. Во овој дел Битола и Велес најдобри со по 11 поени.
Во делот на слободен пристап до информации од јавен карактер најдобро оценета општина е општина Битола со 7 бодови, потоа следуваат општините Аеродром и Струмица со 6 бодови и останатите општини.
Кај јавни набавки се разгледуваа достапните информации за јавните набавки на општините, тековните огласи, годишните планови и спроведените јавни набавки. Сите од општините, освен општина Аеродром се оценети со највисока оцена и имаат достапни информации за јавните набавки. Покрај објавите на веб-страниците, овие информации се достапни и на електронскиот систем за јавни набавки.
Секоја од општините на својата веб-страница има информации за тоа кои претпријатија и установи функционираат во рамките на општината. Повеќето јавни претпријатија и јавни установи имаат сопствена веб-страница, но транспарентноста е на многу ниско ниво. Повторно најдобро оценета е општина Битола.
Во препораките на Транспаренси Интернешнл – Македонија се вели дека oпштинските власти треба да ги доближат до граѓаните своите услуги, да се достапни на лесен начин и не само електронски туку и преку своите услужни центри да создадат услови во кои секој еден граѓанин ќе може да си ги оствари своите права во рамките на надлежностите на општините.
Тенденцијата на Општина Битола е во континуитет да работи на поедноставување и подобрување на пристапот на граѓаните до услугите од институцијата, така што оваа анализа е уште една потврда дека локалната самоуправа делува во вистинска насока кон реализација на поставените цели, а резултатите постојано се зголемуваат.
На овој линк можете да го прочитате целиот извештај: https://transparency.mk/…/indeks_na_transparentnost_na…
























