Најстарата населба во Прилеп, населбата од која започнал и се развивал градот под “Марковите Кули” – прилепски Варош, населба во која каде да се завртиш секој камен има своја историја, во која каде да ископаш ќе најдеш траги и остатоци од било кое историско доба.
Во 2005 година оваа населба, од која потекнува целата култура, традиција, историја и воопшто живот во градот, беше целосно запоставена со само неколку асфалтирани улици, без грижа за културното наследство, без пристапни патеки до вековните светилишта, кои патем ги има на секој чекор, без осветлување, без секакви пристојни услови за живеење…
Тогаш работите почнаа да се менуваат…
-за прв пат во историјата се изгради комплетна канализација во целата населба;
-се промени целокупната водоводна мрежа;
-за прв пат беа асфалтирани калливите варошки улици;
-се изгради амфитеатар во средновековен стил;
-се изгради туристичка камена патека- “Крал Марко” долга 2 км. која ги повразуваше: амфитеатарот, црквите со манастирот;
-комплетно се реконструира манастирот “Св.Архангел Михаил” и се возобнови со нов конак;
-за прв пат Варош доби комплетно ново осветлување, посебно на патеката “Крал Марко”, црквите и манастирот;
-после еден век комплетно се реконструираше и основното училиште во Варош со комплетно уреден двор, ограда и игралиште за кошарка;
-се изгради за прв пат детско игралиште;
-комплетно се урбанизира долната населба т.н. Козле;
-се одржуваа бројни културни и спортски манифестации во текот на годината, кои ѝ дадоа посебна популаризација на оваа стара населба.
Kaко е денеска и дали постои континуитет на овие проекти и подобрување на условите за живеење во оваа населба, најдобро знаат варошани. Сепак, факт е дека малку кој после 2017 год. направи Варош да продолжи да се развива во истиот правец. Идејата претходно беше благородна – оваа прилепска населба да стане симбол на културата во Прилеп, да носи илијадници туристи годишно, бенефит да имаат сите прилепчани.
Денеска на прв поглед паѓа амфитеатарот, кој веќе го има изгубено својот сјај. Таму ретко кога се одржуваат културни и други забавни манифестации…намерно или ненамерно некој заборави дека го имаме и можеме да го користиме.
Патеката на “Крали Марко” на некои места воопшто ја нема, а ги нема ниту бројните спортски манифестации кои собираа параглајдеристи, болдери, велосипедисти и авантуристи од цела Европа, па и пошироко.
Варошани често се жалат и на недоволно одржување на улиците, чистотата и осветлувањето….
Како ќе се движат работите во иднина и дали некој може да го врати одново периодот од 2005-2017 година, останува да видиме…