Без конкуренција! Витаминка е компанија на годината! Општествена одговорност, донации и награди (ФОТО)

Прилепскиот гигант “Витаминка” со право треба да го понесе приматот за најдобра компанија во 2019 година. Зошто е тоа така, па има еден мал милион причини, од општествена одговорност, до постојано подобрување на условите за работа и бенифитите за вработените.

Ќе почнеме од почетокот!

Компанијата во март годинава објави дека за своите вработени воведе дополнителни 3 месеци скратено работно време за родителите што се враќаат од породилно отсуство.

Според оваа новина вработените во Витаминка кои користеле отсуство поради бременост, раѓање и родителство, во следните три месеци по завршување на редовните 9 месеци (или 15 месеци за две или повеќе деца одеднаш) ќе може да работат со скратено работно време (половина од полното работно време), а притоа ќе им се исплаќа целосен личен доход и ќе ги уживаат сите други привилегии како да работеле со полно работно време.

Кон средината на истиот месец Витаминка објави дека за сите вработени жени во компанијата организира бесплатни ехо-прегледи на дојка во своите простории.

“Иницијативата за ваквото организирање на прегледите потекна од управата на компанијата: „Во секојдневното брзање и преокупираност со дневните обврски кон домот, децата и кон професионалниот ангажман, жените многу често себеси и грижата за сопственото здравје ги ставаат во втор план и ги запоставуваат редовните прегледи, кои се и тоа како важни во превенирањето од несакани заболувања. Токму таквиот однос кон сопственото здравје и грижата за секој вработен поединечно, нè поттикна на овој чекор и веруваме дека со истото ќе се охрабрат за поголема грижа и свесност за сопственото здравје“, истакнаа тогаш од компанијата.

Во август месец од Витаминка информираа дека компанијата ќе стипендира студенти на Машински и на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Пример за општествено одговорна компанија: Витаминка ќе стипендира студенти на Машински и на Факултетот за електротехника и информациски технологии

Во ноември во два наврати од Витаминка од прилепскиот гигант уште еднаш ја покажаа општествената одговорност, кога најпрво донираа товарно моторно возило марка Mitsubishi L200, а потоа и противпожарно возило, марка DENNIS, за потребите на Територијалната противпожарна единица Прилеп.

Со посветената работа доаѓаат и награди, па така Петар Стојковски, директорот за продажба за српскиот пазар од Витаминка, беше еден од 40-те најуспешни млади лидери прогласени на годинешната Global Top Brand Awards програма.

Стојковски е издвоен врз основа на неговите успеси во досегашната кариера и постигнатите резултати во зацврстувањето на позицијата на Витаминка и нејзините брендови на српскиот пазар, вклучително и подобрено поставување и позиционирање во ова високо конкурентно и побарувачко опкружување како и за веќе докажаните резултати на меѓународно ниво.

Наградата „40 under 40“ претставува една од најпрестижните и најпопуларните признанија во бизнис светот и секој кој се здобил со вакво признание се очекува да создаде извонредна кариера и да постигне огромни успеси во иднина.

Витаминка доби и Специјална награда за добри примери во областа на безбедност и здравје при работа од Министерството за труд и социјална политика и Националниот совет за безбедност и здравје при работа. Со ова високо признание се истакнуваат и потврдуваат континуираните активности во компанијата насочени кон значењето, улогата и неопходното унапредување на безбедноста и здравјето при работа на своите вработени.

Исто така Витаминка оваа година од Владата доби и признание за општествена одговорност и промоција на семејните вредности, за воведување на скратеното работно време за родителите кои се враќаат од породилно отсуство.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.