Доколку сте љубители на алпинизмот, недопрената природа, и небесните височини, несомнено мора да ја посетите планинската убавица во Пелагонија, Баба Планина со нејзиниот највисок врв Пелистер (2.601 м).
Овој планински масив е пелагониското- преспанско природно ремек дело кое изобилува со многу ендемични видови од кои несомнено треба да се одвои Моликата или Белиот бор како растителен вид кој го има само на неколку места на Балканот.
Планинскиот масив Баба се наоѓа помеѓу двете котлини Преспанската и Пелагониската и има свој правец на протегање од север кон југ. Баба е млада верижна планина која се карактеризира со симетричен изглед.
На Баба Планина постојат 24 врвови сите повисоки од 2000 метри. Најзначајни од нив се : Пелистер (2.601 м), Илинден ( 2.542 м), Широка (2.218 м), Ветерница (2.468 м), Бела Вода (2.156 м). Од дел од овие врвови се гледаат Солунска Глава на север, Пелагонија и Кајмакчалан на исток како и Преспанското Езеро, Галичица и Јабланица на запад.
Искачувајќи ги овие висини допирате до до една мистична средина каде секој нов чекор е и ново откритие, секој изоден предел говори преку звуците на природата и ве привлекува уште повеќе да истражувате и да уживате во неверојатните пејсажи.
Планината нуди можност и за развивање на манастирскиот туризам. Над 50 манастири се дел од туристичката понуда, кои се наоѓаат на двете страни, од едната страна кон Битолско поле, а од другата страна кон Преспа.
Највисокиот планински врв на Баба Планина е Пелистер ( 2.601 м) кој претставува трет највисок планински масив во Република Македонија. Пелистер е синоним за Битола и Битолчани кои се гордеат на него. Извишен над Битола, Пелистер претставува природен убавец во сите годишни времиња особено во зимскиот период кога нуди можност за развој на зимските спортови. Од 1948 година Пелистер е прогласен за национален парк.
На Пелистер се наоѓаат двете глацијални езера Пелистерски Очи кои – Големото и Малото Езеро кои несомнено ја надополнуваат и така возбудливата авантура на овие предели. Пелистерските Очи познати и како “Горски Очи” ќе ве маѓепсаат со бистрината на водата и расцветана околина во пролет. Околу настанокот на овие природни реткости постои легенда за зањубените две сестри. Според легендата и двете биле вљубени во убавото момче Пелистер. Но, нивната мајка не дозволувала ниту една од нив да се омажи за момчето. Девојките ги пратила во планина со клетва да бидат една до друга, но сепак да не можат да се видат. И двете скршени од несудената љубов почнале да леат солзи, од кои солзи се создале и двете езера.
Целата ова бајка пренесена преку текст е многу малку да ја долови оваа разиграност на природата која царува на овие предели. Затоа посетете ја Баба Планина и Пелистер и бидете сведоци од блиску, бидејќи рекле кој еднаш бил на Пелистер, сигурно ќе дојде пак.
Пишува: Александар Георгиоски