Стар, искинат јорган фрлен на валканиот бетонски под наместо постела, искршени врати и прозорци, соби без покуќнина, без струја и со силна реа која го одзема здивот, е домот на 43-годишниот прилепчанец Бранко Китаноски, во кој, на 14-ти февруари избувнал и пожар, кој го доуништил и тоа малкуто што го имал. Бранко е со нарушено психичко здравје, зема посебен паричен надоместок во висина од околу 8.500 денари и живее сам. Се жали дека во неговите услови не можело да живее ни куче, а камо ли човек, но, ете, досега не дошол никој од институциите за да му помогне, иако уште веднаш побарал помош, стои во сторијата на телевизија Алфа.
Тажна и болна е животната приказна на Бранко. Како дете на разведени родители, него го „воспитувала“ улицата што оставило длабоки и непријатни траги врз неговиот понатамошен живот. Свесен е дека за се’ сам си бил виновен, но сега се плаши дека тоа негово црно минато, а со кое вели дека одамна расчистил, можно било да е причина за незаинтересираноста на надлежните за да му помогнат.
Додека ја очекува еднократната парична помош од ЛС, за која вели дека му била ветена непосредно по пожарот, Бранко, сега се надева на хуманоста на обичните луѓе кои би сакале да му помогнат за да оспособи барем една соба во која би можело колку-толку да се живее.
Каролина Дурло за “Aлфа ТВ”