АЈДЕ МОМЦИ! Македонија денеска го стартува шестиот настап на Светските првенства

Македонија попладнево ќе има шеста увертира на Светските ракометни првенства, сите под водство на различни селектори. По дебито во 1999 година под водство на Драган Нишевиќ, во 2009 година со Илија Темелковски, во 2013 година со Звонко Шундовски, во 2015 година со Ивица Обрван и во 2017 година со Лино Червар, „црвено-жолтите“ влегуваат во нова мундијалска авантура со Раул Гонзалез. Ривал е Јапонија од 15.30 часот во „Олимпијахале“ во Минхен.

Шпанскиот стратег, кој пред две години го предводеше Вардар до сензационален триумф во Лигата на шампиони, во Германија поведе 18 ракометари, од кои двајца испрати на трибини за денешниот дуел, со еден од двата азиски претставника во групата Б. Официјалниот протокол ќе биде без голманот на Стразбур, Златко Даскаловски и кружниот напаѓач на Металург, Милан Лазаревски.

Покрај нив двајца, дебитанти на СП во ростерот на „ел команданте“ се и Горан Крстевски, Филип Чурлевски, Марио Танкоски и Мартин Серафимов. Во селекцијата по подолго време ги нема дел од досега стандардните како Никола Маркоски, Немања Прибак, Ацо Јоновски, Филип Миркуловски, а нејзин лидер останува Кире Лазаров кој е единствен кој играше на првото СП во Египет и ќе игра и на тековното во Германија. Тој е главен адут во тимот и покрај возраста (38 години) и сè уште е најдобар стрелец на Светските првенства со 92 гола, рекорд што го влече од 2009 година во Хрватска. Три години подоцна постигна најмногу погодоци (61) и во Србија што го прават рекордер и на Европските првенства.

Македонија е фаворит во пресметката со Јапонците и се друго освен победа ќе претставува изненадување. Првото коло во групата Б ќе биде комплетирано со дуелите Исланд – Хрватска од 18 часот и Бахреин – Шпанија од 20.30 ч.

Светското првенство почна вчера со убедливи победи на ко-домаќините на турнирот. Германија во Берлин славеше над заедничката селекцијата на Кореја со 30:19, Данска во Копенхаген си поигра со Чиле за убедливи 39:16 на крајот.

Титулата на СП 2019 ја брани Франција чија селекција ќе атакува на хет-трик на мундијалите. „Триклорите“ во финалето во 2017 година како домаќини ја поразија Норвешка со 33:26, а позлатеа и во 2015 година по триумфот над Катар, организатор на турнирот, со 25:22.

Освојувачот на СП ќе осигура директен пласман на олимписките игри во Токио во 2020 година додека селекциите од второто до седмото место ќе играат квалификации за најголемиот светски спортски настан наредното лето.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.