Втора година по ред, Општина Битола во соработка со Универзитетот „Свети Климент Охридски“, објавува јавен повик за универзитетска летна пракса, со цел збогатување на практичните вештини на студентите и стекнување искуство во реалниот сектор. Можност за практикантска работа во одделенијата на општината и во дел од јавните претпријатија, за период од 1 месец, ќе имаат 40 студенти, распоредени во месеците јули, август и септември, за што ќе добиваат месечен надомест од 10.000 денари. Средствата за оваа намена, во висина од 500.000 денари, планирани се во буџетот на Општина Битола, преку Програмата за спорт и млади.
За да може да аплицираат на јавниот повик за универзитетска летна пракса, студентите, потребно е да достават CV, мотивационо писмо, потврда од факултетот за запишан летен семестар и своерачно потпишана изјава дека ќе ги почитуваат правилата кои важат во институцијата и дека ќе се однесуваат совесно и одговорно.
Документацијата се доставува во електронска форма на мејл адресата [email protected], најдоцна до 15 мај 2024 година.
Универзитетската летна пракса, за првпат беше воведена минатата година, на иницијатива на градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и ректорот на универзитетот, Проф. Д-р Игор Неделковски, а резултираше со успешно завршување на практичната работа од страна на 30 студенти од битолскиот универзитет.