Анализа на Ице Соколески за очекувањата од Македонија на Европското првенство: Приоритет нормата за олимписки квалификации

Помошник тренерот на Еурофарм Пелистер, Ице Соколески од Прилеп, во анализа за “Радио Пела” дава свое видување за она што може да се очекува од македонската ракометна репрезентација, на шестиот настап на европските првенства за нас.

Според Соколески императив на нашата репрезентација на ова Европско првенство е да фати норма за квалификации за Олимписките игри во Токио, а се’ друго освен непоминување на група би било неуспех.

“Нашата репрезентација е спој на млади и искусни играчи. Моментално постари се Лазаров и Борко Ристовски, кои се мотор на оваа репрезентација, а сега конечно треба да очекуваме да блеснат Филип Талески, Филип Кузмановски, Марио Танковски и останатите момци на бековската позиција. Противникот е понеискусен и поневоигран на големи натпреварувања од нас. Има таму големи имиња кои играат за европските клубови, има двајца играчи кои играат во Еурофарм Пелистер, Александар Шевељев и Владислав Остроушко. Значи Украина вложува многу во ракометот, Мотор Запорожје е голем тим кој игра во Лигата на шампионите, а од оваа година и во СЕХА Лигата. Значи не сме ние така изразити фаворити, треба да победиме да, меѓутоа не смееме да ја потцениме репрезентацијата на Украина во никој случај. На ова Европско првенство очекувам многу поголема и позначајна улога на Никола Митрески, да не биди како досега во сенка на Борко, туку да подели поголема минутажа, затоа што е во одлична форма и даде одлични натпревари во дресот на Еурофарм Пелистер во есенската полусезона. Тука не смееме да го заборавиме Мартин Томовски, и тој е дел од репрезентацијата и тој треба да добие некоја минутажа, член на Бунфеслигата. Од останатите Мартин Велковски е прва опција за замена на Кире Лазаров. Тој може да ја одигра таа двоја во одбрана, халф. Се врати после долга и тешка повреда и операција на тетивата. Му беше многу тешко на почетокот, меѓутоа во последниот период неговата форма е во нагорна линија и дефинитивно ќе понесе дел од одговорноста. Никола Марковски е дел од таа пивотменска тројка заедно со Стоилов и Пешевски. Можам да кажам дека негова предност е играта во одбрана, за разлика од двајцата кои се можеби поистакнати напаѓачи. Бојан Маџовски е во одлична форма, едно робусно крило кое знае да одигра и халф и двојка во одбрана што е реткост во денешниот ракомет. Таму знаеме дека неприкосновен е Дејан Манасков, меѓутоа нормално е дека не може цело првенство 60 минути да игра Дејан. Очекувам Бојан Маџоски да има добра минутажа, затоа што сигурен сум дека може да одговори на предизвикот”.

Извор: “Радио ПЕЛА”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.