Амбасадорката на БиХ Лепа Бабиќ во посета на Прилеп

Амбасадорката на Босна и Херцеговина, Лепа Бабиќ денеска со претставници на општините Бјелина, Невесиње, Котор, Варош и Бања Лука ја посетија локалната самоуправа на Прилеп. Главната цел на посетата беше применувањето на позитивното искуство на Општина Прилеп околу искористувањето на ЕУ фондовите.

prilep-3

„Прилеп е земена како општина за посета бидејќи во Македонија таа има искористено најмногу средства од ЕУ фондовите и разните фондации. Денеска претставниците на општините од БиХ ќе се дружат со службите на Општина Прилеп и ќе разменуваат искуства, исто така тие имаа посета и на мојот кабинет каде што разменивме позитивни искуства и мислења околу искористувањето на ЕУ фондовите и како подобро да се користат средствата од општините во реализација на проекти во корист на граѓаните. Секако договоривме и заедничка идна соработка и поголемо дружење и на бизнис секторот. Денес се надевам дека тие ќе имаат добар престој во Прилеп, дека ќе научат многу позитивни искуства, но исто така и ние имаме што да научиме од практиката на работењето на општините во БиХ“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

_MG_8711

Инаку ова е втора официјална посета на амбасадорката Лепа Бабиќ на Прилеп, откако дојде на својата функција во Македонија.

„Сакам да му се заблагодарам на градоначалникот и неговиот тим кои денеска широко не примија за да ние ги видиме искуствата кои ги има Прилеп, а кои се доста позитивни. Прилеп беше и првиот град кој јас го посетив откако дојдов на оваа функција во Македонија и од тогаш потекнува нашата соработка и договори. Денеска тука се дојдени претставници на нашите општини да разговараат со луѓето од Прилеп, да се видат позитивните и негативните искуства, но и да ја продолжиме соработката која во иднина ќе биде се подлабока и подлабока“, рече Лепа Бабиќ, амбасадор на БиХ во Македонија.

_MG_8699

Денеска претставниците на општините од БиХ со Општина Прилеп договорија и соработка во повеќе области од општественото живеење.

_MG_8656

 

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.