Дали партиската припадност и роднинските врски се пресудниот услов за вработување и во малата, рурална општина Долнeни?! – прашува “АЛФА ТВ”
Според информациите до кои дојде телевизијата, од свои извори, братучедот на актуелниот градоначалник на оваа општина е советник за образование, култура и спорт, а додека неговиот шура пак, бил поставен за возач.
Исто така, како што тврдат изворите на телевизијата, ниту братот на градоначалникот не останал покусо за работно место, а ни негова друга роднина која наводно работела во Детска градинка во село Црнилиште, а воопшто не одела на работа, иако земала плата од Општината.
Приказна за себе биле и вработувањата во Основното училиште во с. Житоше, каде советник од Општината, користејќи ја својата функција, себе си се вработил како секретар, сопругата – наставничка, а чичко му е директор на училиштето, чии деца пак, се вработени како полицаец и наставничка. Во ова училиште свои блиски роднини си вработил и директорот на Агенцијата за развој на земјоделието, кој потекнува од ова село.
И секретарот на општина Долнени, според изворите на “АЛФА”, си вработил десетина свои роднини, помеѓу кои и внукот кој бил вработен во Општината пред пет месеци, а не бил мал бројот и на оние кои треба да бидат дел од новите Рамковни вработувања, кои врз база на партиски списоци, требало да бидат вработени во државни институции во Прилеп.
За дел од нив, “АЛФА” веќе пишуваше, конкретно за престојните вработувања на тројца жители од општина Долнени во прилепскиот Центар за социјални работи, за што потврда имавме и од директорот на оваа Јавна установа. Нашите извори велат дека според оваа шема на партиски ургенции, а во склад со новите Рамковни вработувања, еден човек требало да биде вработен во Бирото за вработување во Прилеп, друг во УЈП и неколку лица во МВР – ПС Прилеп, но нашите извори не ја исклучуваат и можноста дека сите овие вработувања ќе се чувале во тајност и на стенд-бај, додека не поминела вревата во јавноста, за потоа дел од нив, на мала врата, можеби да бидат префрлени на работа во матичната општина Долнени.
„Градоначалникот има направено фамилијарни вработувања. Неговиот братучед Емран, неговиот шура Џемил, брат му Рамадан, роднините Хава, Неџат… Ги има овие имиња или во институциите во Прилеп, или во Долнени… Само не се знае, се ќути за ова… Сeто ова е по партиски клуч… Се изготвуваат списоци на состанок на ДУИ за тоа кој каде треба да се вработи…Вработувањата им станаа фамилијарен бизнис, иако голем дел од нововработените немаат ниту соодветно образование или пак имаат купени, фалсификат дипломи…“ – откривa изворот чиј идентите им е познат на редакцијата на “АЛФА ТВ”.
Со цел да ги провериме овие тврдења, уште пред неколку дена, одговор побаравме од градоначалникот на општина Долнени, Џемил Ќамили, меѓутоа се до денес, оттаму не добивме ниту потврда, ниту демант – велат од телевизијата.
Каролина Дурло