„Без никаков конкретен изговор и на нехуман начин, припадниците на полициската единица „Тигри“ изминативе денови тепаа и малтретираа млади Албанци во Скопје, нанесувајќи им тешки повреди и оставајќи долготрајни последици“. Ова го тврдат од Алијанса за Албанците во писмено соопштение испратено до медиумите.
„Сите овие тепања и малтретирања се повторуваат во континуитет и никој не дава никакво објаснување. Како и во последниот случај, така и во другите случаи, полицијата не утврдила незаконски дејствија или напад врз полициските службеници, како причина за ваквото однесување, па дури и некои случаи не се ни регистрирани во полицискиот билтен. Со овие акции полициската единица „Тигри“ која досега беше забранета за Албанците, сега станува опасна за Албанците“, велат од АА.
„Јавно ги покануваме министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, неговиот заменик Назим Буши како и секторот за внатрешна контрола во МВР најпрво да преземат мерки за спречување на ваквото насилничко однесување на полицијата, како и расветлување на досега регистрираните случаи и да се санкционираат полицајците кои ги користеле овие насилни методи.
Алијансата за Албанците најостро го осудува ваквото однесување на полицијата и за оваа појава ќе ги известиме сите меѓународни организации. Полицијата треба да биде тука за да ги штити а не да ги заплашува и силува граѓаните“, стои во реакцијата на АА.