Познатиот српски лекар, невропсихијатар, психотерапевт и книжевник, како и академик на Српската академија на науките и уметностите, Владета Јеротиќ смета дека децата се мошне комлексни суштства, кои имаат способност подлабоко да ги согледуваат работите од возрасните.
-Верувам дека сосема малото дете гледа нешто повеќе и подалеку од возрасниот човек. Понекогаш изгледа дека тоа не ги гледа цртите на нашето лице, како што подоцна како возрасен човек ќе ги гледа, туку дека гледа нешто што е во нас, зад лицето, смета Јеротиќ.
Тој има критички став кон забраните и смета дека тие имаа спротивен ефект од посакуваниот.
Јеротиќ нагласува дека повеќето деца се темпераментни љубопитни и не можат да седат на едно место и додава дека тоа е знак на интелигенција, а не непослушност.
-Ако детето е немирно, пуштете го, често станува збор за интелигентно и бистро суштество. А родителите во незнаење, за мирното и послушно дете велат „моето добро дете“, а тоа е всушност уплашено, несигурно. Секако се раѓа и по некое „добро дете“, кое е едноставно такво, иако е снаодливо и паметно. Најголема грешка е тоа што немирното дете го тепаат, а тоа е најчесто интелигентно дете. И токму таа интелигенција не му дава да се помири лесно со се што ќе му се каже, смета Јеротиќ.
Тој за себе вели дека бил немирно дете и оти никогаш не би одличен ученик.
-Во средно училиште бев многу добар, имав петка по веронаука и историја. По математика и физика имав тројка. Еден мој другар, кој сега е познат книжевник и преведувач, во средното училиште пушти гулаб од последната клупа на часот по хигиена. Малку фалеше да биде истеран од училиштето. Доби укор од класниот, укор од директорот и укор од наставничкиот совет. Тоа се мали палавштини, кои често пати ги прават интелигентните деца. Денес за многу поголеми палавштини и сериозни прекршоци, кои немаам врска со интелигенцијата, казните се многу поблаги, нагласува Јеротиќ.
Според него детето е мошне комплексна структура составена од повеќе нивоа.
-Детето се раѓа мошне сложено. Да не ги плашам младите, но фетусот се помни. Мошне е важно мајката да го носи детето радосно. Внимавајте не е исто радносно и весело. Треба да го носи колку што може со радост. Секако и таткото е важен. Треба двајцата подеднакво да го сакаат детето. И не е важно само како мајката се храни во бременоста, мошне е важно и како се чувствува, бидејќи таа чувствата му ги пренесува на фетусот. Знаете како, кога мајката е лута, детето се крие на крајот од постелката, а кога е среќна детето се качува кон срцето. Тоа е снимено од научниците, појаснува српскиот лекар.
Тој потенцира дека првите три години се најважни за детето, бидејќи тогаш се формираат темелите на неговата личност.
-Детето до крајот на третата година е како сунѓер, се впива. Колку само треба мајката и таткото тогаш да се сакаат! И така нека биде пет години, а потоа нека има малку расправии, но првите три до пет години и поради детето и поради себе, детето да види, да ја впие љубовта на таткото и мајката. Ќе остане скрит, па потоа ќе го бара во бракот она што го доживеале во првите три до пет години, и доброто и лошото!, заклучува Јеротиќ.