Ако го прашаме Таче ќе каже барајте помош од НАТО за кучињата во Прилеп? (ФОТО)

Ниту Прилеп не е имун на проблемот со кучињата скитници. Низ градот можат да се забележат цели чопори, посебно во централното градско подрачје и во населбата “Точила”.

Проблемот не е од сега и се провлекува со години, а решение тешко со наоѓа затоа што кучињата често се носат од селските средини и соседните општини и се пуштаат да скитаат во градот.

Од општината и комуналното претпријатие се надеваат дека со доставувањето на новата опрема и новото возило за заловување, кое Прилеп преку Министерството за локална самоуправа го доби од Бирото за регионален развој, ќе бидат поефикасни во сузбивањето на овој горлив проблем за градот.

Општинските власти во Прилеп со години плаќаат илјадници евра на име оштета за каснување од кучиња скитници, а ништо подобро не врват ниту останатите општини во државата.

Пред неколку дена премиерот кажа дека при наредната посета на Брисел со соодветните сектори ќе се разговара за соработка преку ИПАРД-програмите со цел, како што кажа, да се направи модел на стационар за бездомните кучиња и да им се излезе во пресрет на граѓаните и општините за, како што рече, решавање на овој голем проблем.

„Јас разговарав со министерот за земјоделство, при следната посета на Брисел, со соодветните сектори да разговараме за одредена соработка преку ИПАРД-програмите и доколку може да се направи некој модел на стационар што ќе биде некаков државен проект, иако не е ингеренција на државата, со цел да можеме да им помогнеме на граѓаните и на општините во справувањето со овој проблем“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на РЕК „Битола“.

Којзнае, наредно можеби помош ќе побараат и од НАТО…

Нашиот став е дека кучињата се невини суштества кои не по своја вина се нашле не улица. Не заслужуваат нехуман третман и убивање, но крајно време е некој сериозно да се позанимава со овој проблем.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.