Академик Ќулавкова до Заев: “Македонија не ви е света, тоа е повеќе од доволно за да престанете да ја претставувате”

Не знам дали премиерот на Р. Македонија има слушнато за „македонското прашање“, ама ако слушнал ќе требаше истото да го има предвид пред да даде било каква изјава за македонската историја, нација и идентитет – напиша на својот Фејсбук профил, академик Катица Ќулавкова, како реакција на изјавите на Зоран Заев за грчката телевизија Алфа.

Понатаму во статусот таа пишува:

И на Википедија можете да најдете основна насока („Македонското прашање претставува еден од проблемите на Балканскиот Полуостров, а се работи за територијалните претензии на соседните држави кон Македонија и прашањата за постоењето т.е. непостоењето на македонскиот народ, а со тоа и постоењето на македонскиот јазик. Србија, Бугарија и Грција, секоја од свои „причини“ имаат свои тези за непризнавањето на македонскиот народ, држава и јазик…“) А во својство на премиер должен е да е запознаен многу поподробно со феноменот на македонскиот идентитет и т.н. дисконтинуитет на историјата на македонската држава. Има не само домашна литература, туку и значајни дела на странски автори. Ќе го спомнам Штефан Лотар кој и на македонски го објави своето дело Македонскиот јазол. Да скратам: македонската историја, идентитет (јазик, народ, Македонија како етнички, а не само како географски поим, територија, црква, име, јазиј, материјална и духовна култура…) – веќе скоро два века – се предмет на оркестрирани негаторски и делбени политики на соседните држави и на западноевропските. Сите оние кои имаат свои претензии и на коишто Македонија им е предмет на желба. Во тие нивни политики повеќе од очигледни се обидите да ја присвојат македонската културна историја и територија и да го осуетат постоењето на македонска национално-граќанска држава. И последните собитија од 2001 до денес, кои ескалираа со Преспанскиот договор, а се најавија со Охридскиот, се еклатантен доказ дека македонското прашање е отворено и дека со помош на инсталации во највисоките слоеви на власта, заинтересираните странки прават сè за да го затворат на брутално негаторски начин и со многу перфидни политики и реторики. Македонија е жртва на украдена и девастирана културна и национална историја, а не субјект на негаториски и присвојувачки политики. Самонегацијата е екстремно опасна политичка игра, рамна на велепредавство.
Престанете да и’ нанесувате штета на Македонија. Вие го рушите она што со децении се обидуваме, македонисти, историографи, археолози, уметници и др., да го изградиме како македонски наратив, како научна аргументација, како почит и стекнато право. Македонија има свој значаен дел во античката, византиската, средновековната, нововековната историја. Немате право ни да негирате, ни да отуѓувате, ни да ја ревидирате македонската историја. Имавте шанси да ја поддржите историската наука и македонистиката, но вие таа шанса ја прокоцкавте. Сега го потпалувате, пиромански, огнот на македонската национална историја. Ја нудите Македонија како монета за поткусурување. Македонија не ви е света, тоа е повеќе од доволно за да престанете да ја претставувате, уште помалку да ја предводите. Оти ја водите во бездна – пишува Ќулавкова.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.