Агониjaта пpoдолжyва: Tyтyнapите длабоко навpeдени и понижени

Објавата на министерот Хоџа дека Владата во петтиот пакет мерки ќе издвои пет милиони евра за да го амортизира ударот од годинашниот катастрофален откуп на тутунот, дополнително го зголеми револтот кај македонските тутунари.Тие се сомневаат дали оваа исплата и навистина ќе се случи, но и велат дека предвидената сума крајно ги навредувала и понижувала, бидејќи нивните математики покажувале дека таа била само мачкање очи за кражбата што им се прави со досегашниот откуп – oбјави “АЛФА ТВ”

„Тоа е некаде 10 до 12 денари. Е сега, колку се тие 10 до 12 денари помош за некој што си го опљачкал буквално до гола кожа, не можам да разберам. Тоа е исто како на некој да му ја пресечеш цела десна нога и потоа да му го дадеш малото прсте и да му кажеш, еве ова ти остана од ногата, и да очекуваш тој човек дури да биде фудбалер. Мислам дека е понижувачко, во секој случај“, изјави за Алфа, Васко Јосифовски, тутунопроизводител од Могила.

Од друга страна пак, на само дваесетина дена пред законскиот крај на годинашниот откуп, состојбата на откупните пунктови, била повеќе од очајна. На тутунарите им се враќал и по цел род, и тоа без да бидат отворени картоните за да се процени квалитетот.

„Му го враќаат 50 пакети тутун, со изговор „не примаме четворка“. А бе луѓе, тутунов е трета и четврта „рака“, земете почнете со ценење, вие ценете го, ако не земате „четворка“- не земате, ама што ако е „двојка“ или „тројка“ ?! Не бе, нема шанса, „четворка“ ти е тутунов, врати се назад, и човекот си го врати тутунот назад“, – објаснува Јосифовски.

Јосифовски е убеден дека ако продолжи ваквиот начин на откуп, голем дел од ланското производство ќе остене или неоткупено, или ќе биде дадено по багателни цени што пак, дополнително ги разочарувало и обесхрабрувало тутунарите пред новата сеидба на тутунот која е на прагот.

„Ако ви кажам дека во групата кај што сме собрани, многу повеќе има огласи за продажба на машини за нижење на тутун, на трактори, на сушални, на машини за садење, отколку што се бараат пакети, значи сум кажал се. Мислам дека разочарувањата се големи и многумина оваа година ќе се откажат од тутун“, – посочи Јосифвски.

Инаку, годинашниот договорен род тежи околу 25 милиони килограми тутун, а заедно со вишокот околу 30 милиони. Од договорените количини откупени се околу 70 проценти, а додека за вишокот тутун од 5 милиони килограми, откупот не е ни започнат.

Каролина Дурло за “AЛФА ТВ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.