Огромно мнозинство Австријци го поддржуваат затворањето на балканската рута за бегалци и остриот курс на австриската Влада во бегалската криза го сметаат за добар, јави Танјуг.
Истражувањето на јавното мислење, по повод неодамнешното гостување на австрискиот канцелар Вернер Фајман на австриската државна телевизија ОРФ, покажува дека дури 85 отсто од Австријците затворањето на балканската рута го сметаат за исправно решение.
Само 12 отсто мислат дека затворањето на рутата преку Македонија, Србија, Хрватска и Словенија кон Австрија е погрешна одлука.
Уште поубедлив е одговорот на Австријците на прашањето дали австриската Влада треба и натаму да ги спроведува националните мерки се додека нема европско решение. Националните мерки ги поддржуваат дури 86 отсто од Австријците.
Исто така, 83 отсто од Австријците веќе не веруваат дека е можно 28-те земји членки на ЕУ во следните недели да се договорат за заедничко решение за стопирање на бранот бегалци.