Со положување цвеќе пред спомен-плочата на месноста Карпалак, посета на гробовите и на комплексот „Карпалак“ и со панихида во црквата „Св.Петка“ во Прилеп денеска беа одбележани 16 години од загинувањето на 10 – те прилепски бранители на Карпалак во 2001 година. Венци со цвеќе положи делегација од Влада на РМ, Собрание на РМ, Делегација од Кабинетот на Претседателот на Р. Македонија г-дин Ѓорѓе Иванов, делегација од Министерство за одбрана на Р. Македонија и Генералштаб на АРМ, делегација на Општина Прилеп предводена од градоначалникот Марјан Ристески, семејствата на загинатите бранители, здруженијата, политички партии,…
Градоначалникот Марјан Ристески во својот говор посочи дека:
„Тој ужасен ден, кога мајките ги загубија своите синови, кога сопругите останаа без своите сопрузи, а децата плачеа по своите таткоци, ќе остане вечно во сеќавање на овој град и овој народ, како кобен ден, ден на болка и тага за Прилеп и Македонија. Но, со оваа заедничка средба, стоејќи пред нивниот спомник, докажуваме дека тагата не сплотува и не прави посилни и дека никој неможе да не оттргне од нашата намера да ја сакаме и браниме нашата земја“, посочи Ристески во своето обраќање.
На 8 август 2001 година на патот Скопје – Тетово во близина на селото Групчин кај месноста Карпалак од заседа беше нападнат конвој на Армијата на Република Македонија, при што загинаа десет армиски припадници: Нане Наумоски (48), резервен капетан, Сашо Китановски (40), резервен поручник, Горан Миновски (29), воен обврзник, Ердоган Шабановски (21), воен обврзник, Љубе Грујоски (32), воен обврзник, Бранко Секулоски (43), воен обврзник, Дарко Велјановски (27), воен обврзник, Пеце Секуловски (31), воен обврзник, Веби Рушитовски (26), воен обврзник и Мирко Деспотовски (27), воен обврзник, сите од Прилеп и Прилепско.