ХРАМОТ СВ. ПЕТКА ВО ПРИЛЕП, ПРИМЕР И ОБРАЗЕЦ ПРЕД ДРУГИТЕ ХРАМОВИ

„Овој храм, посветен на св. преп. Мчца. Петка, во Прилеп, претставува пример и образец пред другите храмови, како се гради една црква, не само материјално ами и духовно. Храмот св. Петка е навистина жива Црква“ – рече Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар на вчерашната богослужба во храмот „Св. Петка“ во населбата Точила.

Митрополитот г. Петар, чиноначалствуваше со Божествената Василиева Света Литургија, во сослужение со протоереите Љупче Петрески, в.д. старешина на храмот, Живко Десподовски и ѓаконот Игор Велјаноски кој за време на Светата Литургија беше ракоположен во свештенички чин.

Пред самиот почеток на Светата Литургија, по милоста Божја, а од раката на епархискиот архиереј, Митрополитот г. Петар, поради покажаната ревност во верата, активното учество на певницата и изучувањето на црковниот Типик и богослужбите, во чин Чтец беше ракопроизведен Денис Најдоски, заменик диригент на црковниот хор „Св. Петка“ при истоимениот храм, и наставник по пијано во основното музичко училиште во Прилеп.

Црковниот хор „Св. Петка“ со прекрасното пеење придонесе за велелпноста на богослужбата а пред самиот крај, учество во Литургијата зедоа и младите членови на новоформираниот детски црковен хор, односно подмладок на хорот „Св. Петка“, кој веќе има одржано неколку проби, под раководство на протопсалтот и диригент м-р Гоце Секулоски, па така, за прв пат, после периодот помеѓу двете светски војни, во нашиот град, односно во храмот „Св. Петка“, се слушна пеење на детски ангелски гласови.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.